За поставување на монтажни ковид-болници во исчекување на нов бран и наплив на заболени од коронавирусот наесен, помош ќе се бара од Светската банка.
Министерот за здравство Венко Филипче Филипче најави дека во текот на утрешниот ден ќе одржи состанок со претставници од Светската бака и ќе им ги образложи плановите за поставување на мини инфективни одделенија во повеќе општини.
„Во текот на утрешниот ден имаме работен состанок на којшто ќе ги образложиме пред експертите на Светска банка сите аспекти на овој проект, при што тоа подразбира подобрување и надградување на инфраструктурата во смисла на болнички кревети, како и на лабораториите, во смисла на тоа секоја болница има своја лабораторија за брзо тестирање, резултати кои ќе бидат готови за 45 минути, и секако планот за распределување на младите лекари, кои се сега лиценцирани пред неколку недели. Голем број од младите колеги, кои завршија и добија лиценци за работа покажаа интерес да работат со овие пациенти. Така што сметам дека ова е еден модел којшто ќе даде одлични резултати, и тоа што со надрадување на сите овие капацитети што ги спомнав и физичкото одделување на пациентите заболени од ковид, ниту една друга вообичаена работа нема да биде компромитирана, ниту ќе се создаваат листи на чекање“,
вели Филипче во изјава за Телма.
Филипче посочи дека тие ќе функционираат по примерот на монтажната болница до Инфективната клиника во Скопје, за да може да се растерети напливот на пациенти во болниците и да има место и за пациентите со други заболувања.
„Овие инфективни одделенија ќе ги третираат пациентите заболени од ковид, физички се одделени, затоа што тоа се сепак пациенти на кои им се потребни и посебни услови“ – истакна Филипче.