„Меѓу целите на новото раководство се оптимизација на трошоците, реализација на развојни проекти со цел АД ЕСМ да стане компетитивна компанија која ќе ги задоволи потребите од електрична енергија за крајните потрошувачи“, велат од Владата
Владата информира дека е именуван нов Управен одбор на АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ). Според владиното соопштение, за претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕСМ е именуван Лaзо Узунчев, дипломиран машински инженер со претходно долгогодишно работно искуство на менаџерски позиции во приватниот сектор.
„Во состав на Управниот одбор на друштвото во државна сопственост, покрај Узунчев, именувани се и останатите членови: Реџеп Асани – заменик-генерален директор, како и членовите Ѓорѓи Ѓорѓиевски – директор за правни и општи работи, Зоран Коњановски – директор на производство, Виктор Јовановски – директор за комерцијални работи, Иван Стојановски – директор за финансиски работи и Владимир Пејоски – директор на развој и инвестиции“,
соопшти Владата.
Според Владата, со изборот на новите членови на Управниот одбор приоритет е енергетската стабилност на државата преку ефикасно управување, финансиска консолидација и зајакнување на капацитетите на компанијата на сите нивоа.
„Понатаму, меѓу целите на новото раководство се оптимизација на трошоците, реализација на развојни проекти со цел АД ЕСМ да стане компетитивна компанија која ќе ги задоволи потребите од електрична енергија за крајните потрошувачи, притоа професионално прилагодувајќи се на условите на пазарот и строгите барања за чиста животна средина“,
стои во соопштението.
Од Владата додаваат дека новиот Управен одбор е назначен од Надзорниот одбор на АД ЕСМ, по препорака на Владата.