Што и да ги прашате во ВМРО-ДПМНЕ велат избори и тоа ми наликува на папагал, вели Ковачевски за што од опозициската партија му рекоа дека за да биде хумористичен потребно е да има некаква смисла за хумор и по малку интелигенција, а според нив за Македонија да оди напред единствено решение се избори
ВМРО-ДПМНЕ ми наликува на папагал. Нив што и да ги прашате велат избори. Колку е саат да ги прашате – велат избори. Имате ли план – избори. Што ќе правиме после избори – избори. Тоа го правеа 11 години, избори по избори имавме и државата не мрдна ниту еден милиметар, изјави премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ во Куманово.
Според Ковачевски, ако се погледнат позициите на ВМРО-ДПМНЕ во моментот, не може да се најде ниту еден европски или американски политичар кој стои на тие позиции.
„Има само еден политичар во ЕУ кој ги брани позициите на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е Никола Груевски од Унгарија. Тој е единствениот политичар кој ги брани нивните позиции“,
рече Ковачевски.
Коментарот на премиерот, пак, предизвика реакција од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што преку соопштение велат дека за да биде Ковачевски хумористичен треба да има смисла за хумор и интелигенција.
„Ни се допаѓа што Ковачевски се обидува да биде хумористичен, но за тоа да биде прво треба да има некаква смисла за хумор и по малку интелигенција. Но, не ни се допаѓа што Ковачевски не разбира зошто одговорот на секое прашање е избори. Затоа што дури и времето да биде вистинско и правилно искористено за Македонија потребно е тој да замине од власт. До толку е едноставно, за Македонија да оди напред единствено решение се избори. Народот сака власт која легитимно ќе биде избрана на избори, а не како него инсталирана“,
се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачевски денеска, одговарајќи на прашања, рече дека не смее опозицијата да остане коалиција на изолационизам како што беше досега.
„Сметам дека имаме доволно време пред нас да го сменат своето мислење и за првпат во историјата на државата да поддржат одлука за интеграција на Северна Македонија“,
рече тој.
Затоа, нагласи Ковачевски, треба добро да размислат за својата политика да ја конципираат кон интеграција на државата во ЕУ.
„Да донесеме одлука која конечно Северна Македонија ќе ја стави неповратно на патот кон интеграција во ЕУ, нормално заедно со државите коишто веќе преговараат, бидејќи доколку не ги донесеме одлуките ќе ни се повтори тоа што ни се случи во 2008 година и Србија, и Албанија и Црна Гора ќе отидат пред нас, а ние ќе останеме во друштво со Босна и Херцеговина и со Косово, а тоа не е друштво за нашата држава со оглед внатрешните проблеми и надворешно-политичките проблеми кои тие две држави ги имаат и во тоа друштво ние не смееме да бидеме“,
рече Ковачевски.
Оваа политика на интеграција, според Ковачевски, покажува какви позитивни резултати може да има врз граѓаните, врз државата и врз животниот стандард и затоа треба по тој пат да продолжиме.
Ковачевски во одговорот се осврна и на економските перформанси што ги има државата од водењето на интеграциските политики.
„Бројот на невработени во мандатот на оваа Влада е намален за 52 проценти, бројот на вработени само во една година е зголемен за 9,5 проценти, бројот на работни места коишто се платени над просечната плата расте. Ако со нешто се фалеа тоа беа 360 милиони евра странски директни инвестиции во 2016 година, минатата кризна година беа 760 милиони евра странските директни инвестиции. Се фалеа со бројот на вработени во странските економски зони, во 2016 година вкупниот број на вработени во странските економски зони беше шест илјади вработени, денеска се 17 500 вработени со плати дупло и повеќе повисоки од тоа време. Што значи дека таа политика која 11 години се водеше даде само непосакувани резултати“,
додаде Ковачевски.