Одбраната во судницата побара да се прочита делот од лиценца издадена од Министерството за економија во 2012 година, која според адвокатите, покажува дека документот се однесува на сосема друг угостителски објект, а не за оној во кој се случи трагедијата
„Навистина е неверојатно колку лесно денес некои адвокати бараат трагедијата со 63 мртви деца да се прогласи за несреќа. Несреќа? Несреќа е кога природата ќе удри без предупредуавње. Но кога со години институциите дозволуваат небезбеден објект да работи, кога се прифаќаат непоплнети пријави, се користат стари согласности, се премолчуваат недостатоци и никој не иницира инспекциски надзор – тогаш тоа не е несреќа“, реагираа родителите на загинатите во „Пулс“ во врска со наводите на дел од одбраната
Документи за правниот статус на објектот каде се наоѓаше т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, неговата изградба, измените, состојбата во Централниот регистар и неговата повразност со лицата кои биле носители на деловниот потфат беа дел од доказите што Обвинителството ги изведе денеска во судницата во Идризово во продолжението на судскиот процес за пожарот во кој лани загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Имено, Обвинителството презентираше материјални докази за правното лице, односно правните субјекти „Класик ДМ ДОО Кочани“ и „ММММ ДООЕЛ Кочани“ и подружниците „Кабаре Пулс“ и „Клуб Пулс“ од нивното основање до измените кои уследиле потоа, а во кои како управители фигурирале првообвинеиот Дејан Јованов-Деко, Митко Стојанов и сега починатиот Александар Карадаковски.
Во судницата беа изведени урбанистички планови, геодетски елаборати, барање за легализација од 2011 година за делот од објектот кој се третирал како бесправен објект, записници од извршени надзори, договор за закуп, барање за легализација, но и записник од одземени предмети и документи во т.н. кабаре по пожарот.
Беа презентирани и фотографии од внатрешноста на „Пулс“ по реновирањето, а кои биле обезбедени од вештачењето на телефонот на првообвинетиот Дејан Јованов, за кои Обвинителство нагласи дека нема никаква официјална документација.
Меѓу доказите што се најдоа на увид на денешното рочиште беа и записник од извршен вонреден надзор на Општина Кочани, според кој се утврдени неправилности, како и барање од 2012 година од Општина Кочани до Министерството за економија дека имаат информации дека компанијата „Класик ТП“ поднела барање за лиценца за дискотека и во кое бараат да бидат известени во врска со тоа.
На изведувањето на доказите реагираше одбраната на дел од обвинетите, наведувајќи дека дел од доказите се прибавени на незаконит начин и затоа не треба да бидат изведени, а бараше да биде прочитан и дел од констатираниот надзор. Обвинителството, од своја страна, наведе дека станува збор за документи најдени на местото на настанот, во папка за „Кабаре Пулс“ и како такви се доставени како докази, било во оригинал или како копија.
Одбраната во судницата побара да се прочита делот од лиценца издадена од Министерството за економија во 2012 година, која според адвокатите, покажува дека документот се однесува на сосема друг угостителски објект, а не за оној во кој се случи трагедијата.
Имено, според документот, лиценцата за вршење угостителска дејност кабаре се издава на правното лице “ДПТУ Класик ДМ ДОО Кочани“, а во делот на името на угостителскиот објект се однесува на Кабаре „Пулс“. И правното лице, односно фирмата и угостителскиот објект се со идентична адреса – улица „Димитар Влахов бб“ Кочани. Инаку, лиценцата е издадена за вршење на угостителска дејност кабаре и е со важност од една година од денот на издавањето.
Моментот во лиценцата што отвора дилеми е што документот е издаден за друг објект, на друга адреса, а не за оној во кој се случи пожарот, а кој е лоциран на улицата „Крижеска“.

Според одбраната, тоа значи дека документот изведен како доказ се однесува на друг објект, со друга адреса и издаден во друг временски период и со тоа не може да биде доведен во врска со постапката за објектот каде што се случи пожарот.
Инаку, пред Судот беа презентирани и фактура за набавка на полиутерански сунѓер од „Силпен СТ Кратово“ уште пред да почне со работа дискотеката, како и документација за постапка за стечај, затворање и бришење на „Класик ДМ ДОО“.
Обвинителството презентираше и Договор за закуп меѓу обвинеиот Гроздан Милковски и „ММММ ДООЕЛ Кочани“ за објект со површина од 419 квадратни метри на десет години, а каде се наоѓала дискотеката „Пулс“. На ова реагираше одбраната на Милковски, наведувајќи дека со тој договор тој бил измамен и дека во него не пишувало за каква дејност ќе се користи објектот.
„Не се согласувам со овој договор, затоа што го потпишав во кола, а се договоривме да го разгледа и Дејан и да дојде да го потпише. А сега гледам дека е потпишан од Митко Стојанов“,
изјави Милковски, пренесе МИА.
Инаку, родителите на загинатите во „Пулс“ денеска реагираа на наводите на одбраната на обвинетите дека станувало збор за несреќен случај и дека треба да се преиспита обвинителниот акт.
„Навистина е неверојатно колку лесно денес некои адвокати бараат трагедијата со 63 мртви деца да се прогласи за несреќа. Несреќа? Несреќа е кога природата ќе удри без предупредуавње. Но кога со години институциите дозволуваат небезбеден објект да работи, кога се прифаќаат непоплнети пријави, се користат стари согласности, се премолчуваат недостатоци и никој не иницира инспекциски надзор – тогаш тоа не е несреќа. Тогаш сот ае системско замижување. И навистина е цинично денес да слушаме дека луѓето во судницата не знаеле зошто седат таму. Не господа. Тие многу добро знаат зоштон седат таму“,
рече Александар Наунов, татко на Надица Наунова, која загина во пожарот, и претседател на Здружението „16 Март Кочани“.
Судењето продолжува на 3 јуни, исто така, со изведување материјални докази од Обвинителство.
Пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
За пожарот се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на кабарето, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик. На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар. Судењето го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
