Турскиот лидер претходно имаше упатено остри критики до Нетанјаху, нарекувајќи го Израел терористичка држава, која добива неограничена поддршка од Западот
Израелскиот премиер, пак, подоцна му возврати на Ердоган, критикувајќи ја Турција за сопственото досие за наводни прекршувања на правата во земјата, како и во нејзиниот конфликт со курдските вооружени групи
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не се разликува од Адолф Хитлер. Ова го изјавил турскиот претседател Таип Ердоган, споредувајќи ги нападите на Израел врз Газа со односот кон еврејскиот народ од страна на нацистите, информира Ројтерс.
Членката на НАТО, Турција која поддржува решение за израелско-палестинскиот конфликт, го критикуваше израелскиот воздушен и копнен напад врз Газа и ја нарече терористичка држава.

Според Ердоган, израелските водачи мора да бидат судени пред меѓународните судови.
„Порано зборуваа лошо за Хитлер. Каква разлика имаш од Хитлер? Дали тоа што го прави Нетанјаху е помалку од она што го направи Хитлер? Не е“,
рече Ердоган.
Забелешките на Ердоган дојдоа кога Турција ги засили критиките кон Израел, менувајќи го трендот на растечки врски меѓу двете нации, како што беше пред нападот на Израел врз Газа.
„Тој е побогат од Хитлер, ја добива поддршката од Западот. Секаква поддршка доаѓа од САД. И што направија со сета оваа поддршка? Тие убија повеќе од 20 000 жители на Газа“,
рече тој.
Турскиот лидер претходно имаше упатено остри критики до Нетанјаху, нарекувајќи го Израел терористичка држава, која добива неограничена поддршка од Западот.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пред еден месец изјави дека ги прекинува сите контакти со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поради акциите на Израел во Појасот Газа и додаде дека ќе направи сè за, како што рече, израелското кршење на човековите права и воените злосторства да ги изведе пред Меѓународниот кривичен суд.
Израелскиот премиер, пак, подоцна му возврати на Ердоган, критикувајќи ја Турција за сопственото досие за наводни прекршувања на правата во земјата, како и во нејзиниот конфликт со курдските вооружени групи.
„Ердоган, кој врши геноцид врз Курдите, кој држи светски рекорд за затворање новинари кои се противат на неговото владеење е последниот човек што може да ни проповеда морал“,
рече Нетанјаху.
И покрај таквите цврсти критики, Турција сепак одржува комерцијални врски со Израел.
Во текот на речиси тримесечниот напад врз Газа загинаа повеќе од 21 000 луѓе, ранети се 55 000 луѓе, а раселено е речиси целото 2,3-милионско население.
Во нападите на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври беа убиени најмалку 1 200 луѓе, повеќето цивили, а околу 240 други беа земени како заложници.
Од друга страна, според Министерството за здравство во Газа, кое е под контрола на Хамас, од почетокот на воената кампања на Израел врз енклавата досега се убиени повеќе од 21 000 луѓе, од кои најмногу жени и деца.