Во меѓувреме турското МНР соопшти дека го отповикува својот амбасадор во Израел на консултации поради одбивањето на Израел да се согласи на прекин на огнот во Газа
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека ги прекинува сите контакти со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поради акциите на Израел во Појасот Газа и додаде дека ќе направи сè за, како што рече, израелското кршење на човековите права и воените злосторства да ги изведе пред Меѓународниот кривичен суд.
„Нетанјаху повеќе не е некој со кого можеме да разговараме. Го избришавме и го отфрливме“,
рече турскиот претседател.

Ердоган обвини дека Нетанјаху е најмногу одговорен за насилството во Газа и оцени дека израелскиот премиер ја изгубил поддршката од сопствените граѓани и треба да се повлече.
„Нема да најдете друга земја чија армија се однесува со таква нечовечност“,
рече тој мислејќи на нападите на Израел врз Газа по нападот на Хамас на израелска територија на 7 октомври.
Во меѓувреме Министерство за надворешни работи на Турција соопшти дека го отповикува својот амбасадор во Израел на консултации поради одбивањето на Израел да се согласи на прекин на огнот во Газа.
„Амбасадорот Сакир Озкан Торунлар е отповикан со оглед на хуманитарната трагедија во Газа предизвикана од континуираните напади на Израел против цивили и одбивањето на Израел да прифати прекин на огнот“,
објави турското МНР.
По неодамнешниот говор на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во кој го обвини Израел за воени злосторства, израелските власти ги повлекоа сите дипломати од Турција и најавија преиспитување на дипломатските односи помеѓу двете земји.