Земјоделците што имаат работни обврски на своите земјоделски површини на фармите, а се наоѓаат во атарот (место на живеење) на селото во кое живеат, можат да се движат за време на забраната за движење, исклучиво заради извршување на работните активности без да вадат дозволи за движење.
Како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во однос на новата забрана за движење што ја донесе Владата, а стапува во сила од денеска, задолжителна писмена дозвола ќе треба да извадат земјоделците чии земјоделски површини или фарми се наоѓаат надвор од селото/градот каде што живеат и треба да патуваат од едно во друго село или да сообраќаат по регионален пат.
„Вадењето дозволи за оние земјоделци кои треба да патуваат од местото на живеење до локацијата каде што им се наоѓа земјоделската површина или фарма ќе се спроведува како и досега, преку испраќање на податоци до подрачните единици на МЗШВ. Сите досега издадени дозволи продолжуваат да важат до крајот на вонредната состојба“,
соопштија од министерството.
Дозволи не смеат да се издаваат на земјоделци со навршени 67 години, тие треба телефонски да се јават во подрачната единица на МЗШВ и да пријават еден помлад член со кој се во роднинска врска (син, ќерка, зет, снаа, внук) и на тоа лице ќе му биде издадена дозвола за движење.
„Право на движење има само еден член на земјоделско стопанство. Барањата за дозвола се доставуваат по телефон или на имејл до подрачната единица на МЗШВ, од понеделник до четврток, најдоцна до 12 часот. Готовите дозволи се печатат од страна на вработените во подрачната единица и им се даваат на земјоделците. Издадените дозволи за движење на земјоделците, важат до крајот на вонредната состојба. Право на издавање на дозвола имаат само евидентираните земјоделци во Единствениот регистар на МЗШВ. Фирмите чија дејност е поврзана со земјоделско производство имаат право самите да издаваат потврди за движење на своите вработени“,
се вели во соопштението.
МЗШВ повикува земјоделците да ги почитуваат новите препораки на Владата, и движењето да го користат исклучиво за работни обврски, со цел заеднички да се придонесе во справувањето со коронавирусот во нашата држава.