Од партијата велат дека иако сведоците и родителите на жртвите јасно ги имаат посочено вистинските виновници, само поранешниот министер Бектеши сè уште се држи изолиран – за да се заштитат вистинските виновници

Демократската унија за интеграција (ДУИ) смета дека продолжувањето на притворот за поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, претставува јасен пример за селективна правда.
„Ова претставува јасен пример за селективна правда, додека другите инволвирани во истиот случај вклучително и градоначалниците на Кочани се наоѓаат на слобода“,
велат од ДУИ по денешната одлука на штипска апелација да не ја прифати жалбата поднесена на решението за притвор во врска со случајот со пожарот во „Пулс“ .
Според ДУИ, ова не е само двоен правен стандард – туку отворена политичка, етничка и партиска дискриминација, што, како што велат, претставува навреда за секој граѓанин на Република Северна Македонија.
Од партијата велат дека иако сведоците и родителите на жртвите јасно ги имаат посочено вистинските виновници, само поранешниот министер Бектеши сè уште се држи изолиран – за да се заштитат вистинските виновници.
„Транзициското обвинителство и актуелната власт продолжуваат брутално да ги кршат сите правни, морални и човечки принципи. Премиерот, откако го заплаши обвинителот дека ќе изведе луѓе на улица против него, сега целосно го има потчинето и се однесува истовремено и како обвинител и како судија“,
додаваат од ДУИ.
Оттаму додаваат дека ако улицата е решението, „тогаш време е сите граѓани да им се придружат на семејствата на жртвите од Кочани и да побараат правда – на мирен, но решителен начин, на улица“.
Апелацискиот суд во Штип денеска одлучи поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши да остане во притвор, а ексградоначалниците на Кочани, Николчо Илијев и Ратко Димитровски во куќен притвор.
Апелацискиот суд од осум разгледани жалби, како што се наведува, седум од нив ги одбил како неосновани и ги потврдил одлуките на кочанскиот Основен суд.
Во притвор, како што може да се види од објавените иницијали на осомничените, останува и поранешната државна секретарка во Министерството за економија, Размена Чекиќ-Дуровиќ која ставила потпис на втората лиценца за вршење на угостителска дејност на т.н. кабаре.
Единствено е уважена жалбата на обвинетиот Е.М. при што првостепеното решение за притвор е преиначено и заменето со мерка куќен притвор, заедно со дополнителни мерки на претпазливост.
Штипската Апелација вчера соопшти дека постапуваат по 17 жалби за изречени мерки „притвор“, „куќен притвор“ и мерки на претпазливост поднесени од лица опфатени со истрагата за пожарот. Три жалби пристигнале во петокот, а вчера во второстепениот суд стигнале уште 14 жалби.