Тоа е драстично зголемување по нападите на Иран, кое не се должи на потрошувачи од земјава, туку станува збор за количини кои биле продадени кон купувачи од соседите, со тоа што данокот и акцизата остануваат кај нас – вели првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, кој гостува во „360 степени“ на МРТ 1

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, очекува цените на нафтените деривати да се стабилизираат во текот на летото и да бидат во рамките на она што беа пред американско-израелските напади на Иран, но додава дека развојот зависи од многу фактори и дека е тешко предвидлив. Притоа, тој потсетува дека со енергетската криза во 2022 година, дизелот достигна 111 денари, а сега е 80 денари за литар.
Со денешната одлука на РКЕ, од полноќ литар дизел ќе се продава за 80 денари, а бензинот еуросупер БС-95 ќе чини 84,5 денари. Цената на еуросупер БС-98 ќе биде 86,5 денари за литар, додека екстралесното масло останува со иста цена – 79,5 денари. Пред нападите на Иран, дизелот беше 69 денари, БС-95 чинеше 73,5, а БС-98 се продаваше за 75,5 денари по литар. Екстра лесното масло беше 68,00 денари.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Ристов вели дека во изминатите три месеци Владата успешно ја изменаџира кризата со цените на горивата, со тоа што државата се откажа од дел од данокот, од акцизата, а придонесе и договорот со ОКТА за попустите за малопродажба.
„Моментално ниедна од тие одлуки веќе не е во сила. Од 1 јуни се укинати сите одлуки, тоа значи дека сме вратени во нормала и тоа ни го овозможи намалувањето на берзанските цени, бидејќи како што знаете и ако ја следите работата, Министерството за финансии објави дека има и проблем со полнење на буџетот поради намалените акцизи и данокот на нафтените деривати коишто се еден од најважните двигатели на полнење на буџетот. Така што сега сме веќе во нормала и очекувањето е, иако сме во нормала, се плаќаат нормални акцизи и данок на сите нафтени деривати – значи нормално се полни буџетот – се очекува сепак да се стабилизира“,
вели Ристов.
Во однос на начинот на пресметка на цените на горивата, Ристов вели оти формулата е посложена бидејќи покрај берзанските цени, влијание има и односот денар-долар, па иако берзите забележаа пад на чинењето на суровата нафта, доларот зајакна оваа недела. Затоа, додава тој, секогаш не може да се предвиди однапред какви ќе бидат финалните цени и одлуки на РКЕ.

„Меѓутоа, за да се ублажи оној секојдневен стрес и движење на малопродажните цени, Регулаторот донесе одлука барем на неделно ниво да ги пегла и регулира за да може да има некаква предвидливост, а и во динамика на одредувањето, бидејќи ова е цел ланец – ние денеска испраќаме и информации до Царина, до Министерство за финансии, до Управата за јавни приходи… сите тие мора тоа да го инфилтрираат во своите системи за од вечер од полноќ да функционира“,
рече тој.
Ристов вели оти во пограничните региони од први март до денес има зголемена потрошувачка на нафтени деривати и оти Македонија од тоа има корист. Доколку се направи споредба помеѓу 2026 година со истиот период во 2025 година, има зголемување на потрошувачката и кај бензините и кај дизелот и тоа за речиси 35 отсто, објави Ристов. Тоа е драстично зголемување, додава тој, кое не се должи на потрошувачи од земјава, туку станува збор за количини кои биле продадени кон купувачи од соседите, со тоа што данокот и акцизата остануваат кај нас.
„Тој тренд продолжува затоа што имаме најевтини горива. Посебно сега во летниот период очекуваме сите што ќе транзитираат низ Македонија практично да полнат гориво кај нас и тоа, мора да потенцираме, е многу добра идеја бидејќи практично околу 30-35 денари од секој литар гориво останува за државата. Тоа не е малку“,
изјави Ристов.
