Како што навел во соопштението испратено до медиумите, „српскиот претседател Александар Вучиќ и Србија се соочуваат со закани и уцени кои можат да се споредат само со австроунгарскиот ултиматум од 1914 година“
Директорот на српската Безбедносно-информативната агенција (БИА), Александар Вулин, денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата, јавуваат српските медиуми. Во соопштението до јавноста тој навел дека „САД и ЕУ ја бараат неговата глава како предуслов за да не се воведат санкции кон Србија“.
„Јас не сум причина за уцени и притисок врз Србија и српскиот свет, но нема да дозволам да бидам причина за уцени и притисок врз Србија и српскиот свет“,
напишал Вулин објаснувајќи ја својата одлука да поднесе оставка.
Вулин додал дека санкциите што му се воведени се доказ за неговата упорна борба за единство на Србите.
Како што навел во соопштението, „српскиот претседател Александар Вучиќ и Србија се соочуваат со закани и уцени кои можат да се споредат само со австроунгарскиот ултиматум од 1914 година“.
„Мојата оставка нема да ја промени политиката на САД и ЕУ кон Србија, но ќе ги забави новите барања и уцени. Мојата жртва е мала во споредба со големината на светилиштата што ги бранам“,
подвлекол Вулин.
Вулин беше ставен под американски санкции во јули годинава.
Тој се најде на „црната листа“ на САД поради сомнежи за вмешаност во организиран криминал, трговија со наркотици и злоупотреба на јавната функција.
Според САД, Вулин одржувал контакти со српскиот трговец на оружје Слободан Тешиќ, кој веќе е под санкции од американските власти, на тој начин што му помагал илегалните пратки оружје слободно да поминуваат преку српската граница. Се споменуваа и неговите врски со Русија.