Зборувајќи за снимката од него на ридот над Сараево за време на опсадата на тој град, Вучиќ рече дека се работи за фотомонтажа и дека наместо чадор му монтирале пушка
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за време на гостувањето на телевизија Хепи, изјави дека се соочува со вербални напади од Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора, како и од Косово. Тие сакаат да ја видат Србија понижена и на колена, рече тој.
„Речиси десет и пол години сум на власт и никогаш не сум кажал ниту еден лош збор за Бошњаците. Тие измислија дека сум бил снајперист за време на конфликтот во Босна. Матрицата на лаги не е случајно воспоставена, а сите мои повици за мир во БиХ никогаш не дале резултат. Само слаба и очајна Србија може да одговара некому“,
рече Вучиќ.
Зборувајќи за снимката од него на ридот над Сараево за време на опсадата на тој град, Вучиќ рече дека се работи за фотомонтажа и дека наместо чадор му монтирале пушка. „Лажат“, рече тој и додаде дека не му носел пиво на Шешељ, затоа што Шешељ не пиел пиво.
„Ист случај е и во Подгорица. Ние им помагаме на српските здруженија, ништо не криеме, работиме многу транспарентно, а јас ги трпам нападите на претседателот Мило Ѓукановиќ и неговиот тим“,
рече Вучиќ и почна да ги критикува и хрватските власти бидејќи не му било дозволено да го посети Јасеновац.
„Наше е да се обидеме да разговараме во наредниот период и покрај сите навреди во Загреб. Ќе се обидеме да ги смириме односите. Верувам дека е можно да се поправат односите, се надевам, но не сум голем оптимист“,
изјави Вучиќ, пренесува Н1 Србија.