Во авторски текст за српскиот весник „Политика“, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, порачува дека иницијативата „Отворен Балкан“ со македонскиот и албанскиот премиер, Зоран Заев и Еди Рама, ќе успее токму поради тоа што е нивна идеја, а не им е наметната од страна. Тој вели дека исто како основачите на ЕУ што ја надминале историјата и на Балканот мора да се случи истото, преку економската соработка
На Балканот предолго време не се случил ваков важен исчекор кој ќе го повлече регионот напред. Ова е првпат некој да започне нешто што е добро за целиот регион и затоа договорите од Скопје се историски, а историски ќе бидат и нивните резултати, порачува претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во авторски текст на тема “Отворен Балксн”, објавен во српскиот весник „Политика“.

Тој пишува дека во светот за Балканот се мисли како на место каде постојано имало војни и крвопролевања, но наведува дека истото било со денешните членки на ЕУ меѓу чии нации некогаш „течеле реки од крв“.
И основачите на ЕУ, вели Вучиќ, знаеле дека можат да ја надминат тешката историја ако почнат да се поврзуваат преку економијата. И тие наидувале на отпори од сите страни ама успеале.
„Ова не е за да се докажеме пред Европа, туку зашто е наша насушна потреба“
Србите, Албанците и Македонците, наведува тој, не се ништо помалку паметни или помалку вредни од Французите, Германците, Италијанците и останатите кои преку Европската заедница за јаглен и челик тргнаа кон градењето на ЕУ.

„Ние не мора да одиме толку далеку, ќе биде доволно од нашиот регион да направиме простор без бариери за трговија и слободно движење на луѓето. Не сме помалку креативни ниту помалку упорни од европејците кои одамна имаат свој заеднички пазар“,
вели Вучиќ.
На тој пазар, продолжува тој, често нè препознаваат по ајварот, без разлика дали е од Србија, Македонија или Албанија, бидејќи сите три се одлични, а сега ќе нè запознаат и по знаењето и желбата да ги спроведеме најтешките и најкомплицираните интеграциски процеси, оние економските и тоа неспоредливо побрзо и поефикасно од каде било во сегашната ЕУ.
„Не за да се докажеме пред Европа во која сакаме да влеземе, туку затоа што Балкан без економски бариери е наша насушна потреба. И ако за тоа немаме поддршка и ако нè потценуваат и оспоруваат, нема никаков проблем“,
порачува Вучиќ.
Оваа работа, додава српскиот претседател, ја започнавме сами, сами и ќе ја завршиме и во тоа не зависиме од никого, освен од нашите граѓани кои ќе ја имаат најголемата корист.
„Некој во Европа и кај нас, не може да се помири со тоа дека ова е наша идеја“
Во авторскиот текст, Вучиќ се осврнува и на критиките и вели дека слушнал се и сешто против „Отворен Балкан“.

„Дека ова е политика, а не економија, дека ова значи обновување на Југославија, иако не се сеќавам дека Албанија некогаш била дел од Југославија, дека сето ова веќе го има преку ЦЕФТА, но ако веќе го имаме зошто тогаш нашите камиони чекаат со денови на границите, а стоката пропаѓа“,
прашува српскиот претседател.
Вучиќ констатира и дека има такви во Европа, но и кај нас, кои не може да се помират со тоа дека „Отворен Балкан“ е наша идеја (мислејќи на него, премиерот Зоран Заев и премиерот на Албанија, Еди Рама), наш одговор на нашите проблеми, дека ова никој не ни го донел од страна.
„Но, и тие забелешки се типично балкански, па поради тоа дури ми се и симпатични, бидејќи велат – којзнае зошто го прават тоа, не можеле сами да го смислат, некој им го наметна од Берлин или од Америка, има многу важни проблеми, зошто нив прво не ги решаваат…“,
пишува Вучиќ и порачува дека „Отворен Балкан“ ќе успее токму поради тоа што никој од страна не го смислил.