Српскиот претседател вели дека Србија не продава оружје, туку муниција и додава дека, знаејќи дека постои можност дел од таа воена опрема да заврши на боиштето во Украина, на другите земји им наложиле дека без дозвола на Србија не смеат да ја извезуваат муницијата што им била продадена
Србија не им продавала оружје ниту на Украина ниту на Русија, но има безброј луѓе во Србија што денес ќе ѕвонат во Русија за да им кажат дека соработуваме со Западот, па потоа да се јавуваат на Запад за да пренесат дека соработуваме со Русија, одговори српскиот претседател Александар Вучиќ на прашањето дали Белград извезувал оружје за потребите на украинската армија.
Тој вели дека Србија не произведува оружје, туку произведува муниција што ја продава. Се произведуваат и гранати, мини, динамит, експлозив, а кога се произведуваат такви работи, несомнено е дека тие би завршиле на бојните полиња ширум светот.
„Не сме им продале ниту едно парче ниту на Русија ниту на Украина. Имаме други купувачи на кои ни е дозволено да им продаваме и само во тие земји Србија може да извезува. Знаејќи дека постои можност дел од таа воена опрема да заврши на боиштето во Украина, на Турција ѝ наложивме дека не смее да извезува муниција што сме им ја дале без дозвола на Република Србија“,
кажа Вучиќ.
Прашан за Косово, пак, тој кажа дека во овие моменти не е реално Берлин да го повлече признавањето и кажа дека за него е единствено важно да има рационални ставови во Европа, а Србија како држава несомнено ќе се соочува со секојдневни притисоци по ова прашање.