Александар Вучиќ утре ќе го објави решението за Законот за експропријација. Еколошките здруженија ќе организираат протест и оваа сабота, откако протестираа претходните два викенда
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека утре ќе го сподели својот став и ќе го соопшти решението во однос на Законот за експропријација против чие донесување протестираа над 31 000 граѓани ширум Србија минатата сабота.
„Подготвуваме дополнителни проверки уште еднаш за да не направиме нешто противуставно, но со тоа ќе излеземе утре доколку денеска добиеме потврда од повеќе надлежни институции и правни експерти,“
изјави Вучиќ.
Тој додаде дека на протестот изминатата сабота излегле 31 000 демонстранти, кои протестираа против спорните закони за референдум и експропријација, што смета дека е голема бројка и дека се работи за загрижени граѓани.
„Тоа се секако големи бројки, голем број луѓе. Загрижен сум затоа тоа што не можат да бидат сите партиски функционери, туку тоа се луѓе кои се многу загрижени. Мора да се свртиме кон тие луѓе и да се обидеме да решиме нешто“,
додаде Вучиќ.
Еколошките организации велат дека не застануваат тука и оти ќе излезат на протест и оваа сабота, за да го изразат незадоволството за законите за експропријација и референдум, откако минатата сабота излегоа во голем број блокирајќи ги сообраќајниците на повеќе од 50 локации во Србија.
Српскиот парламент во ноември годинава ги усвои измените на Законот за референдум и Законот за експропријација, но Вучиќ го потпиша само Законот за референдум, а за Законот за експропријација најави ревидирање бидејќи чекал одговори од експерти од таа област по тоа прашање.