Протести со блокади се одржаа и во Нови Сад, Ниш, Крагуевац, Крушевац, Ужице, Зрењанин, Јагодина, Нови Пазар, Лесковац, Врање, Шабац

Масовни протести мотивирани од иницијативата „Започни со промени“ денеска го блокираа главниот град на Србија, Белград, како и уште 50 населени места ширум целата држава.
Масовните протести се организирани поради повлекувањето на Законот за експропријација и измените на Законот за референдум и народна иницијатива.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој беше на средба со граѓаните во околината на Лозница, изјави дека нема да го укине Законот за референдум, наведувајќи дека Србија нема да ја водат оние кои нема да победат на изборите.

Најмасовни протестите беа во Белград, на мостот Газела, како и на Мостарскиот јазол и Славија, кај Сава Центар, а блокади имаше и на Панчевскиот мост, Пупиновиот мост, Теразије, Бранковиот мост и во друго делови на Белград. За време на протестите забележани се и неколку инциденти и провокации, меѓу кои и фрлањето на факели на група од 20 маскирани лица од мостот Газела врз демонстраните.

Протести со блокади се одржаа и во Нови Сад, Ниш, Крагуевац, Крушевац, Ужице, Зрењанин, Јагодина, Нови Пазар, Лесковац, Врање, Шабац…

Четворица студенти беа нападнати и претепани во Нови Сад од триесетина млади момчиња, сите облечени во црно. Марко Максимовиќ, еден од претепаните студенти, за Н1 изјави дека тој и тројца негови другари биле тепани и малтретирани без причина.

Српското Министерство за внатрешни работи соопшти дека секоја сообраќајна блокада и одржување нерегистрирани собири е прекршување на законот и дека целата одговорност за се што може да се случи на ваквите собири е исклучиво на нивните организатори.
