Брнабиќ додаде дека српската влада од вчера работи на измените за Законот за експропријација, кои ги побара претседателот на Србија, Александар Вучиќ
Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека не знае зошто граѓаните ги блокирале сообраќајниците ширум Србија, но, како што вели, сигурна е дека тоа не се случува поради животната средина. Таа додава дека барањата што ги упатија демонстрантите за повлекување на Законот за референдум немаат никаква врска со животната средина, пренесува српската агенција Бета.
„Да протестираа поради животната средина, тие луѓе ќе имаа поинаков однос кон животната средина. Не би гледале расфрлено ѓубре по автопатите, не би гледале палење контејнери, не би гледале факли и оној црн чад што излегува од нив ако толку им значи животната средина“,
изјави Брнабиќ, а пренесува агенцијата Бета.
Таа вели дека на улиците да излегле и еден милион луѓе, тие не би можеле од неа да бараат да постапи спротивно на Уставот, и тоа го оцени како анархија, а не владеење на правото.
Брнабиќ оцени дека компанијата „Рио Тинто“ не искомуницирала најдобро со мештаните на долината Јадар каде што би требало да се гради рудникот за ископување литиум и дека не им ги дала потребните информации.
Брнабиќ додаде дека српската влада од вчера работи на измените за Законот за експропријација, кои ги побара претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Голем број граѓани ширум Србија втор викенд по ред ги блокираа сообраќајниците упатувајќи барања да се повлечат измените на Законот за референдум и Законот за експропријација, но се противат и на реализацијата на проектот на компанијата „Рио Тинто“, кој предвидува рудник за ископување литиум во западниот дел од државата.