Српскиот претседател, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека земјата ќе биде принудена да воведе забрана за извоз на дизел бидејќи во моментов има големи проблеми со обезбедување доволни количества гориво. Тој уште еднаш повтори дека на Србија ѝ претстои тешка зима
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека земјата во моментов има големи проблеми со обезбедување доволни количества гориво, пред сè дизел, но и бензин за потребите на граѓаните. За да ги задоволи домашните потреби, тој најави забрана за извоз на дизел.
„Ние сме целосно зависни од увоз. Дополнителен проблем е што Србија речиси 100 отсто од тоа што го преработува во бензин и дизел во рафинеријата во Панчево е за извоз и испраќаме околу 30 000 тони во Босна и Херцеговина, а околу 22 000 тони во Република Српска. Испраќаме во Бугарија и Романија“,
рече тој за време на обиколката на селото Радаљево кај Ивањица одговарајќи на новинарски прашања.
Според него, затоа државата седум дена ќе го стопира извозот на дизел за да има доволно за жителите на Србија.
„Ние се грижиме цената да не се зголеми за да ги заштитиме приходите на луѓето и да ја намалиме инфлацијата, но тоа навистина не зависи од нас“,
рече тој.
Вели дека земјата има проблем, бидејќи ако не дозволи повисока цена, нема да има дизел и сопствениците ќе ги затворат пумпите, како што тоа се случува сега во Хрватска, рече тој.
Според него, нема да има поскапување на горивата доколку не се зголеми цената на суровата нафта, така што нема да може да порасне ниту котациската цена, нагласувајќи дека тоа не зависи од Србија.
Тој потсети и дека цената на гасот денеска е 1 730 долари за 1 000 кубни метри гас на берзата ТТФ, и таа изнесува повеќе од 2 100 долари кога ќе се вклучат посредниците и превозот.
Вучиќ изјави и дека цената на струјата на берзата сега е 360 евра за мегават, а домаќинствата во Србија плаќаат околу 41 евро, а индустријата 75 евра за мегават што, како што вели, „е многу пониска од пазарната цена и убедливо најниска во Европа“.
Српскиот претседател уште еднаш порача дека на Србија ѝ претстои тешка зима и дека граѓаните треба да знаат дека „работите стануваат речиси невозможни“.
Исто така рече дека за четири месеци во текот на зимата можеби ќе бидат потребни шест милијарди евра само за набавка на гас, а тоа е дури и „намалена цена“, што е буквално половина од буџетот на Србија.
Нагласи дека не знае која земја ќе може да го издржи тоа и дека граѓаните мора да го имаат предвид „размерот на катастрофата“.