Претседателот на Србија, во интервјуто, побара ослободување на неодамна уапсените Срби на северот на Косово бидејќи, како што нагласи, тие се држат под измислени обвиненија и дека косовската полиција треба да се повлече од северот на Косово, во согласност со Бриселскиот договор

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во интервју за британската агенција Ројтерс изјави дека Србија бара ослободување на сите уапсени Срби и начини за смирување на тензиите на северот на Косово.
Во интервјуто дадено по седницата на Советот за национална безбедност, Вучиќ повтори дека Србите во Косово не смеат да учествуваат во насилството врз припадниците на силите на КФОР и ЕУЛЕКС.
„Никој, под никакви околности, не треба да учествува во нападите врз ЕУЛЕКС и КФОР“,
вели Вучиќ.
На прашањето дали Белград ќе се обиде да најде начин да ја деескалира ситуацијата на северот на Косово, тој кратко одговори „апсолутно“.
Агенцијата наведува дека Вучиќ ги обвини приштинските власти и премиерот Албин Курти дека поттикнуваат тензии со „безброј еднострани потези“.
„Секогаш кога некој мислел дека сме решиле нешто, се појавувал друг проблем“,
истакна Вучиќ.
Претседателот на Србија побара ослободување на неодамна уапсените Срби на северот на Косово бидејќи, како што нагласи, тие се држат под измислени обвиненија и дека косовската полиција треба да се повлече од северот на Косово, во согласност со Бриселскиот договор.
„Косовската полиција нема што да прави на север. Особено луѓе вооружени до заби. Тоа предизвикува непријатност и страв кај српското население“,
рече Вучиќ.
Британската агенција тврди дека Вучиќ одбил да прецизира кои чекори ги усвоил Советот за национална безбедност на седницата.