На прашање дали за него е прифатлива билатерализација на процесот на пристапување во ЕУ како што бара Бугарија, српскиот претседател одговори дека истото му е направено и на Белград со Приштина со поглавјето 35
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека се надева, но не е сигурен дека ќе се најде решение за тргање на бугарското вето и деблокада на евроинтеграцијата на Северна Македонија.
„Разговарав утрово со премиерот Димитар Ковачевски и се надевам, но не сум сигурен“,
рече Вучиќ во изјава за новинарите во Брисел пред почетокот на Самитот ЕУ-Западен Балкан.
Прашан дали за него е прифатлива билатерализација на процесот на пристапување во ЕУ како што бара Бугарија, Вучиќ одговори дека истото му е направено и на Белград со Приштина со поглавјето 35.
„Не можам да кажам дека господинот Ковачевски е среќен, ќе видиме што ќе се случи“,
додаде Вучиќ.
За односот на Белград кон Скопје, Вучиќ рече дека Северна Македонија за Србија е братска и пријателска земја.
„Сè што чувствувате вие во Скопје, чувствуваме и ние во Белград. Ние ништо не очекуваме од вас. Очекуваме да ги развиваме пријателските и братски односи и верувам дека секогаш и на европскиот и на сите други патишта ќе бидеме заедно“,
рече Вучиќ.
Пред почетокот на Самитот во Брисел тој се сретна и со францускиот претседател Емануел Макрон.
Вучиќ заедно со премиерите на Северна Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, размислуваа дали воопшто да одат во Брисел, но по консултациите сепак одлучија да присуствуваат на Самитот. Тројцата во текот на денот се очекува да одржат и заедничка прес-конференција.