Претходно на Вучиќ ненадејно му се слошило за време на посетата на Соединетите Американски Држави, по што побарал медицинска помош и по прегледот одлучил да се врати во Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ попладнево е примен на Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград, пишува агенцијата Танјуг повикувајќи се на потврда од Претседателството.
На ВМА, Вучиќ бил пречекан од министерот за здравство Златибор Лончар и доктор во болницата.
Претходно на Вучиќ, се додава во објавата, ненадејно му се слошило за време на посетата на Соединетите Американски Држави, по што побарал медицинска помош и по прегледот одлучил да се врати во Србија.
Во моментот кога му се влошила здравствената состојба, Вучиќ се подготвувал за следните средби во САД, пишува Радио-телевизија Србија (РТС).
Регионалниот сервис на Радио Слободна Европа пишува дека пред заминувањето за САД, Вучиќ изјавил дека за време на посетата ќе има две средби со американскиот претседател Доналд Трамп.
Специјалниот пратеник на американскиот претседател, Ричард Гренел, му посака на српскиот претседател се најдобро и изрази надеж дека сè е во ред.
„Сè најдобро. Жал ми е што не те видов, но се надевам дека сè е во ред“, напиша Гренел на социјалната мрежа X.
Според претходните најави, по посетата на САД, Вучиќ треба да отпатува во Москва за да го одбележи Денот на победата над фашизмот на 9 мај.