„Владата на Србија нема да ја урнете. Ви нудам решение и голема победа. Дајте ни ги вашите 70-80 гласа во српскиот парламент и ќе побараме од народот советодавно мислење на референдум за разрешување на Александар Вучиќ“, рече српскиот претседател
Српскиот претседател Александар Вучиќ ѝ предложи на опозицијата дека може да побара референдум во парламентот за негово разрешување од функцијата шеф на државата. Оваа изјава Вучиќ ја даде вчеравечер во гостување на српска телевизија и посочи дека на протестите по несреќата на Железничката станица во Нови Сад, во која животот го загубија 14 лица, исклучиво се бара неговата глава.
„Владата на Србија нема да ја урнете. Ви нудам решение и голема победа. Дајте ни ги вашите 70-80 гласа во српскиот парламент и ќе побараме од народот советодавно мислење на референдум за разрешување на Александар Вучиќ“,
рече тој.
Посочи дека нема да остане на претседателската функција доколку ја нема поддршката од народот.
„Ако 50 отсто од народот се согласи со тоа на референдум, јас нема да бидам претседател на Србија ниту еден ден. Јавно ветувам дека истиот ден ќе поднесам оставка и дека ќе се одржат нови претседателски избори. Така ќе си ги решат сите свои проблеми. Тоа можеме да го направиме во јануари, март или мај. Изберете кога сакате, но не малтретирајте го овој народ“,
вели Вучиќ.
Коментирајќи ја оставката на министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ, рече дека таа е чин на одговорност, но дека тој не го принудил да ја даде.
„Рекоа дека Вучиќ го натерал да поднесе оставка, но морам да ги разочарам и да кажам дека не сум. Ќе ја почитувам волјата на премиерот и политичката и човечката чесност на Весиќ, но не го ни советував да го стори тоа“,
вели српскиот претседател.
За Весиќ посочи дека ќе остане во СНС, како и дека ќе продолжат заедно да работат.
На прашањето дали очекува уште оставки од функционерите, одговори потврдно.