На прашањето зошто не сакаше да присуствува на самитот, Вучиќ потсети на одредени изјави од ЕУ во врска со дијалогот со Приштина, но дека по консултациите во земјата е одлучено Србија да биде претставена, да го каже своето мислење и да повтори дека е посветена за дијалог и дека останува цврсто на европскиот пат
Српскиот претседател Александар Вучиќ пристигна на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана од каде во изјавата за новинарите рече дека го очекуваат бројни средби, а нагласи дека ќе се сретне и со италијанскиот премиер, како и со холандскиот и белгискиот премиер.
„Секогаш е подобро да се биде на маса, затоа што кога не си на маса, си на менито. Ова е добра можност да се заштитат интересите на Србија“,
рече Вучиќ и додаде дека има неколку различни проблеми кога се во прашање потезите на Приштина и дијалогот.
На прашањето зошто не сакаше да присуствува на самитот, Вучиќ потсети на одредени изјави од ЕУ во врска со дијалогот со Приштина, но дека по консултациите во земјата е одлучено Србија да биде претставена, да го каже своето мислење и да повтори дека е посветена за дијалог и дека останува цврсто на европскиот пат.
Вучиќ неколку пати повтори дека Србија е независна земја, но дека ги знае своите обврски кон ЕУ.
„Србија е независна, на некој му е полесно да не критикува и да каже дека сме премногу блиски со Русија, бидејќи нема што да ни замери“,
истакна Вучиќ.
Тој рече дека е реалист, а не оптимист или песимист и дека е во Тирана да учи од луѓето од ЕУ и од регионот, да ги слушне, но и да го претстави ставот на Србија.
„Важно е да добиеме добри вести, а тоа се добри вести за енергијата и поддршката што ќе стигне до земјите од регионот од ЕУ, како и потпишувањето на договор за намалување на тарифите за роаминг. Веруваме дека ќе слушнеме нешто повеќе за европската стратегија за иднината“,
рече Вучиќ.