Според истражувањето на Европската комисија, од земјите од Западен Балкан, поддршката за пристапување кон Унијата е најголема во Албанија (92 проценти) и Косово (83 отсто)
Повеќе од 60 отсто од испитаниците во Северна Македонија се изјасниле дека се за пристапување на земјата во Европската Унија – покажуваат резултатите од најновите анкети за перцепција за проширувањето меѓу граѓаните во Западен Балкан, Источното соседство и Турција што денеска ги објави Европската комисија.

Од ЕК посочуваат дека согласно наодите од анкетата, поддршката за пристапување во ЕУ останува силна, при што граѓаните продолжуваат да ги поврзуваат поблиските врски со Европската Унија со поголема безбедност, економски можности и подобри перспективи за помладите генерации.
„Во земјите-кандидати и потенцијалните кандидати, анкетите покажуваат дека пристапувањето во ЕУ продолжува да ужива јавна поддршка, иако нивоата на поддршка варираат меѓу земјите“,
се наведува во соопштението на ЕК.
Според истражувањето на Европската комисија, од земјите од Западен Балкан, поддршката за пристапување кон Унијата е најголема во Албанија (92 проценти) и Косово (83 отсто).
„Повеќе од 60 отсто од испитаниците во Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина се исто така за пристапување во ЕУ, додека поддршката во Србија изнесува 31 отсто. Очекувањата за времето на пристапување значително се зголемија во Црна Гора, каде што 62 проценти веруваат дека земјата ќе се приклучи на ЕУ во следните пет години, во споредба со 39 отсто во 2025 година“,
наведуваат од Комисијата.
Поддршката за членство во Европската Унија во Грузија изнесува 71 процент, по што следат Украина со 65 отсто и Молдавија со 58 отсто, додека 46 проценти од испитаниците во Турција изразиле поддршка за членство во ЕУ.
Анкетите се спроведени помеѓу февруари и април 2026 година.
