Српскиот претседател во гостувањето на ТВ Пинк се осврна и на вчерашната изјава на патријархот на Српската православна црква Порфириј, кој на средбата со рускиот претседател Путин во Москва рече дека во Србија се случува „обид за обоена револуција“
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во телевизиско гостување изјави дека не го променил ставот и покрај притисокот и дека на 9 мај ќе оди во Москва на парадата по повод 80-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна.

„Отсекогаш сум имал отворен, искрен и срдечен однос со претседателот (Владимир) Путин, кој не е секогаш лесен и едноставен, бидејќи не секогаш се согласуваме, но си веруваме еден на друг кога ќе кажеме нешто“,
рече Вучиќ за телевизјата Пинк, пренесе регионалниот сервис на РСЕ.
Во Москва, како што кажа, најверојатно ќе оди сам и „ќе ги прими сите удари и однадвор и од внатре“ поради ваквиот негов потег.
„Веројатно ќе одам сам затоа што не сакам владата на Ѓуро Мацут да ја плати цената, сакам тој да има можност да работи со Европската Унија и никој да не може ништо да му каже. Тешко дека војската на Србија ќе оди, бидејќи би била предмет на разни удари и санкции“,
рече Вучиќ.
Тој изјави дека во Москва со рускиот претседател Владимир Путин ќе разговара за новиот гасен аранжман и решението за компанијата Нафтна индустрија Србија (НИС), која се најде под санкции од САД поради мнозинска руска сопственост.
„Во Москва ме чека и друга работи, економска. Морам да разговарам со претседателот Путин за гасниот аранжман, кој треба да го потпишеме до 30 мај. Треба да го решиме прашањето за нафтената компанија и да разговараме за сите други теми“,
додаде тој.
Вучиќ се осврна и на вчерашната изјава на патријархот на Српската православна црква Порфириј, кој на средбата со рускиот претседател, Путин во Москва рече дека во Србија се случува „обид за обоена револуција“.
„Претседателот Путин (во телефонски разговор) во три реченици ми кажа сè за обоената револуција во Србија. Тој рече: ‘Внимателно следиме, знаеме дека тоа е обоена револуција, ви посакуваме успех во борбата и ако можеме да направиме нешто, кажете“,
рече Вучиќ.
Српскиот претседател,исто така, рече дека руската држава и руската црква „отсекогаш работеле заедно“ и дека „меѓу нив постои симфонија со децении“.
„Нашата црква често размислува поинаку од нас за некои прашања, но нашата црква нема да ја уништи државата Србија и покрај напорите на одредени кругови околу црквата или малцинските кругови во црквата“,
кажа Вучиќ.
Тој изрази уверување дека пред да замине во Москва „ќе има можност да разговара со многумина од раководството на американската републиканска партија“, како и со Европејците. Додаде и дека еврокомесарката за проширување Марта Кос треба да дојде во Белград на 29 или 30 април.
Вучиќ соопшти и дека добил покана за погребот на поглаварот на Римокатоличката црква Франциск во сабота на 26 април, но дека сè уште не одлучил дали тој или премиерот Мацут ќе одат во Ватикан.