Министрите за здравство на трите земји во наредните денови ќе формулираат договори како едни на други да си помагнеме за справување со пандемијата
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека на видео- состанокот за „мини Шенген“ со премиерите на Северна Македонија и на Албанија биле донесени неколку важни одлуки чија имплементација ќе започне на 10 ноември.
Како што јави МИА од Белград, граѓаните на трите земји од 10 ноември ќе можат да патуваат од една во друга држава без ПЦР тест. Наспроти тоа, во соопштението од македонската Влада, по завршувањето на состанокот, беше прецизирано дека „слободниот влез“ меѓу трите земји ќе почне да се применува од понеделник, 2 ноември.
По изјавата на Вучиќ, појаснувањето од „Илинденска„ е дека поминувањето на границите без ПЦР-тест би стартувало најдоцна на 10 овој месец, со оглед на тоа што, во меѓувреме, треба да се решат некои технички прашања.
„Имавме долга средба со Рама и Заев и мислам дека беше важно што донесеме неколку одлуки кои ќе бидат спроведени најдоцна од 10 ноември“
изјавил Вучиќ, како што пренесува МИА.
Тој додал дека министрите за здравство во наредните денови ќе формулираат договори како едни на други да си помагнеме за справување со пандемијата. Разгледувана била и можноста за заедничка набавка на вакцини.
Вучиќ потенцирал дека е постигнат договор во три точки, меѓу другото и за тоа како задржувањата на границата да се намалат пто е можно повеќе.
Според српскиот претседател, станало збор и за работните дозволи, потоа за вонредната состојба, односно помагање едни на други кога ќе се појават природни непогоди, како и уште побрза работа на царината.
Вучиќ рекол и дека останува отворена поканата за Црна Гора и Приштина да се приклучат на иницијативата за „мини Шенген“.