Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва соопшти дека од четврток се укинува вонредната состојба во земјата, а со тоа и полицискиот час. Тој рече дека одлуката ќе биде официјална откако ќе помине во Собранието и ќе биде објавена во Службен весник.
Во вечерашното гостување на ТВ „Пинк“, тој рече дека ги разбира граѓаните оти седењето дома го поднеле тешко, но дека тоа било неизбежно.
„Секако дека на луѓето им беше тешко постојано да седат дома, но тоа беше единствениот начин да ги сочуваме нашите родители, да ги сочуваме и помладите, и мислам дека во најголем дел успеавме“,
рече тој.
Вучиќ претходно објасни дека на државата и било многу важно мислењето на здравствените експерти кога станува збор за борбата против ширењето на коронавирусот.
Со укинувањето на вонредната состојба во Србија се укинува полицискиот час односно забраните за движење, како и посебното ангажирање на војската.
Сепак, на сила остануваат некои вонредни мерки кои се однесуваат на заштита на граѓаните.
Претходно, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, во изјава на телевизија „Прва“, рече дека охрабрувачки е трендот на намалување на новозаболени со коронавирусот и нагласи дека паралелно со релаксирањето на мерките треба да има висок степен на лична одговорност кај граѓаните.
Како што рече таа, и по укинувањето на вонредната состојба на сила ќе бидат мерките на претпазливост, како носење заштитни маски, друга заштитна опрема, зголемена хигиена и дезинфекција.
Таа го најави и отворањето на аеродромот, како и меѓународниот, градскиот и меѓуградскиот патен сообраќај.
Брнабиќ повтори дека во следниот период ќе се продолжи со тестирањата на ковид-19. Во Србија досега се дијагностицирани 9 464 пациенти со ковид-19, од кои 1 551 се излекувани, а 193 лица се починати. Во моментот има 7 720 активни случаи.