Српскиот претседател зборуваше и за иницијативата на францускиот претседател Емануел Макрон за формирање нова политичка заедница која, според него, треба да се прифати. Вучиќ кажа дека тоа би бил единствениот начин за гласот на земјите од регионот да биде слушнат, а дека ќе може да се видат и размислувањата на европските колеги
Денес Србија даде голема поддршка за почеток на процесот на преговори со Северна Македонија и Албанија, но ете уште еднаш ништо не се случи. Верувам дека нашите пријатели од Скопје и Тирана заслужија отворање на преговорите и се надевам дека тоа ќе се случи што е можно побргу. Не се работи за едно формално барање, туку е нешто што е неопходно затоа што двете земји сторија сè, ги исполнија сите услови. Граѓаните во Северна Македонија и Албанија го заслужуваат тоа.
Ова го порача претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на заедничката прес-конференција во Брисел со премиерите на Северна Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, по завршувањето на Самитот на ЕУ со Западен Балкан.
Покрај тоа што Скопје и Тирана не добиле отворање на преговорите, тој посочи и дека Приштина не добила визна либерализација, Босна и Херцеговина не добила кандидатски статус, а Србија била критикувана поради невоведувањето санкции кон Русија.
„Тоа е она што се случи, ако сето тоа се сумира во конкретни ставки. Но, во политиката не секогаш се работи за конкретни работи. Сакаме да изградиме доверба, од таа гледна точка, мислам дека ова е важен состанок и дека Самитот беше добар“,
оцени Вучиќ.
Српскиот претседател зборуваше и за иницијативата на францускиот претседател Емануел Макрон за формирање нова политичка заедница, која според него, треба да се прифати.
Вучиќ кажа дека тоа би бил единствениот начин за гласот на земјите од регионот да биде слушнат, а дека ќе може да се видат и размислувањата на европските колеги.
„Верувам дека со оваа заедничка политичка заедница ќе можеме сите заедно да решиме некои прашања. Да ги решиме овие тешки прашања за Северна Македонија и Албанија, а во меѓувреме ќе се обидеме да го зголемиме нивото на соработка меѓу нашите земји, да ги подобриме односите и да видиме што можеме да направиме за нашите граѓани“,
кажа српскиот претседател во своето обраќање.
Во насока на односите со Северна Македонија и Албанија, Вучиќ ја спомена и заедничката иницијатива „Отворен Балкан“, за која кажа дека се особено горди. Тоа, како што рече Вучиќ покажувајќи кон Рама и Ковачевски, не беше идеја на никој друг освен на нас тројца.
„Тоа беше наша идеја. Ние сакавме да почнеме да се грижиме сами за нашиот регион, да направиме нешто добро за нашите граѓани, да се грижиме за нашите соседи. Тоа беше идејата“,
истакна тој.
Во меѓувреме, посочи Вучиќ, некој кажа дека тоа е идеја на Орбан.
„Јас можам да ви кажам дека ние не разговаравме со Орбан за таа идеја. Потоа некој кажа дека тоа е идеја на Путин. Јас никогаш не зборував со Путин за ова. Зошто на некој му е потрбно тоа? Затоа што ова го направивме сами, не ни беше потребен никој. Три балкански нации и нивните претставници седнаа и пронајдоа решение барем за некои од нашите проблеми. Дали е забрането тоа? Дали тоа би требало да се забрани?“,
кажа Вучиќ во своето обраќање.