Во изјавата за британски „Фајненшл тајмс“, српскиот претседател кажал дека нема намера да ѝ нареди на армијата да премине преку административните премини со Косово бидејќи тоа би било контрапродуктивно за Белград кога е во прашање желбата за членство во ЕУ
Српската армија ќе биде повлечена од областа во близина на косовската граница, изјавил претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за британскиот весник „Фајненшл тајмс“ и оцени дека ескалацијата на конфликтот би била контрапродуктивна кога е во прашање желбата на Србија за членство во Европската Унија.

Во изјавата за британскиот весник, Вучиќ кажал дека нема намера да ѝ нареди на армијата да премине преку административните премини со Косово.
„Србија нема да има корист од тоа бидејќи ќе ја загрози својата позиција во преговорите со Приштина под покровителство на ЕУ. Зошто ова би било корисно за Белград? Која би била идејата? Да ја уништиме нашата позиција што ја градевме една година? Да ја уништиме за еден ден? Србија не сака војна“,
рекол Вучиќ во изјава за „Фајненшл тајмс“.
За зголеменото распоредување на српски војници вдолж границата со Косово претходно реагираа од Европската Унија и од Соединетите Американски Држави велејќи дека се загрижени поради ваквиот потег на Белград. Ги повикаа властите на Србија да ги повлечат трупите од косовската граница со цел намалување на тензиите.
Коментирајќи ваквите повици, српскиот претседател во интервјуто за „Фајненшл тајмс“ вели дека предупредувањата на Вашингтон се непропорционални бидејќи бројот на српските сили се намалува.
„Минатата година имавме 14 000 луѓе во близина на административната граница, денес имаме 7 500 и тоа ќе го намалиме на 4 000“,
рече Вучиќ.
ЕУ и САД изразија загриженост поради засиленото присуство на српската армија во близина на косовската граница, што следува по нападот на косовската полиција во селото Бањска минатиот викенд. Косово ја обвини Србија за овој напад која, пак, негира каква било поврзаност.
Косовските власти за нападот го обвинија потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, велејќи дека тој директно го организирал и учествувал во нападот. Вчера, пак, Радоичиќ, кој изјави дека се повлекува од Српска листа, најголемата српска партија на Косово која ја ужива поддршката од Белград, преку својот адвокат призна дека го организирал и учествувал во нападот во Бањска.