„Долг и значаен телефонски разговор со унгарскиот премиер. Му честитав на уште една победа која ја постигна во Унгарија“, вели српскиот претседател
Му ја честитав победата на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Продолжува нашата соработка која гарантира мир, стабилност и просперитет за двете земји и за регионот.
Ова утрово во телефонски разговор му го порачал српскиот претседател Александар Вучиќ на унгарскиот премиер Виктор Орбан по победата на неговата партија Фидес на локалните избори и изборите за Европскиот парламент.

Вучиќ на својот инстаграм-профил напиша дека во долг, но важен телефонски разговор му честитал на Орбан, како што вели, уште една победа што ја постигнал во Унгарија.
„Долг и значаен телефонски разговор со унгарскиот премиер. Му честитав на уште една победа, која ја постигна во Унгарија“,
напиша Вучиќ на својот инстаграм-профил.
Според него, продолжува пријателската соработка меѓу двете земји која, како што напиша, гарантира мир, стабилност и просперитет за две земји и за регионот.
Партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан доби најмногу гласови на европските избори, но нејзиниот настап беше најлош во изминатите години. Партијата на Орбан, според проценките, се очекуваше да освои 43 отсто од гласовите, но доби за 10 процентни поени помала поддршка во споредба со претходните избори за законодавниот дом на ЕУ во 2019 година.
Петер Маѓар, кој ја прекина соработката со партијата на Орбан во февруари, успеа да ја изгради најсилната опозициска партија во Унгарија за неколку месеци, со неговата партија Почит и слобода која се очекуваше да освои 31 отсто од гласовите.
Во говорот пред поддржувачите, Маѓар ги нарече изборите Ватерло на владата на Фидес и „почеток на крајот“.