Косовскиот премиер Албин Курти ситуацијата ја опиша како судир со криминалци. Тој најави дека Владата на Косово ќе обезбеди уште повеќе полицајци северно од Ибар, поради тамошната ситуација
Министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ изјави дека атмосферата на Косово и Метохија е толку запаллива и напната што е доволно едно чкорче за да се запали сѐ и да се тргне во несакана насока.
Вучевиќ посочува дека не треба да чуди тоа што Курти прави низа еднострани потези кои имаат за цел дестабилизација и непочитување на сите договори што се постигнати.
„Ова е јасна порака до Србите дека таму не се добредојдени, и не треба тоа да ни го виткаат во целофан и обланди. Тоа е организиран терор на неговата администрација, а негова политика е целосно етничко чистење на Косово“,
изјави министерот Вучевиќ на ТВ Прва.
Тој вели дека е лесно да се зборува од Белград, Нови Сад, Ниш или Крагуевац, но дека Србите на Косово секојдневно го живеат теророт на Курти.
„Не е лесно да ѝ се објасни на српската заедница на северот на КиМ колку е важно да останат смирени и да не наседнуваат на провокации, а од друга страна и да не бидат целосно понижени и обесправени“,
додава министерот.
Вучевиќ вели дека целта на Курти е да ги исплаши и протера Србите.
Како што објавија вчера српските медиуми, во два наврати се слушнале експлозии во северниот дел на Косовска Митровица.
Како што јави „Косово онлајн“, членови на изборната комисија придружувани од косовската полиција насилно влегле во зградата на Општина Зубин Поток каде што живеат мнозинство Срби и наводно ги искршиле вратите и ги менувале бравите, поради што граѓаните кои се нашле таму се побуниле. Се слушнале две експлозии, а членовите на општинската изборна комисија и членовите на косовската полиција излегле од зградата на општината.
Членови на општинската комисија со асистенција на полициски службеници насилно влегле во просториите на општината, ги искршиле вратите и ги смениле бравите, пред да ја напуштат зградата.
Косовскиот премиер Албин Курти ситуацијата ја опиша како судир со криминалци. Тој најави дека Владата на Косово ќе обезбеди уште повеќе полицајци северно од Ибар, поради тамошната ситуација.
Во објава на Фејсбук, Курти изјави дека има „засилени напади“ на северот на Косово.
„Криминалните банди ги засилија нападите на северот на Косово. Тие знаат дека крајот е близу. Владата на Косово ниту ќе се пазари со нив, ниту ќе ги толерира. Бомбите што ги фрлаат, куршумите што ги испукуваат и маските што ги носат се нивни политичка и народна импотенција. Поради овие криминалци и вооружени напади северно од Ибар, ќе обезбедиме повеќе полицајци. Ќе ги гониме овие криминалци, платени од Србија и раководени од нејзиниот претседател“,
напиша Курти.
Курти забележува дека нема да бидат простени бројните прекршувања на законот и дека дестабилизирачките тенденции ќе пропаднат.
„Во четирите општини на север, поделбата не е меѓу Срби и Албанци, туку меѓу криминални банди и граѓани. Ги молам сите граѓани на Косово да ја поддржат државата и полицијата на Косово, сите наши функционери кои ја бранат уставноста и законитоста на републиката и демократијата“,
рече Курти.