Од Владата велат дека одлуката ја донеле врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести, но и согласно препораките на УНИЦЕФ

Наставата во основните и средните училишта во земјава ќе продолжи со физичко присуство на учениците на 1 февруари, одлучи Владата на денешната седница.
„Оваа одлука е донесена врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести и согласно препораките на УНИЦЕФ, а Владата повикува на доследно придржување и спроведувањето на протоколите за одржување настава со физичко присуство“,
соопштија од Владата.
Поради влошената епидемиолошка состојба и проценката дека земјата се наоѓа на врвот на ковид-заразата, Владата на седница на 17 јануари донесе одлука за одложување на второто полугодие кое наместо на 20 јануари треба да почне на 1 февруари.
Одлуката за продолжениот зимски распуст за околу 255 илјади ученици Владата ја донесе по препорака на Главниот координативен кризен штаб, а на наредната седница го утврди и бројот на наставни денови во вонредни околности со што се овозможи учебната година наместо да се пролонгира, да заврши во редовниот термин – 10 јуни 2022.