Пред Владата втор ден се одржува протест против францускиот предлог кој го доби Северна Македонија за надминување на бугарското вето и почеток на пристапни преговори со ЕУ. Учесниците на протестот извикуваат „Никогаш Северна, само Македонија“, „избори“ „оставка“. На бина пред владината зграда се пејат патриотски песни, а демонстрантите носат транспаренти на кои пишува „Македонија не е на продажба“, „Бугарски фашизам – европска вредност“.

На денешниот протест пред присутните се обратија повеќе говорници – новинари, пејачи, уметници.
„Се собираме да кажеме не за ваков предлог кој трагично не погубува за век и веков. Или ќе не има или воопшто ќе не нема. Тоа што сакам да го кажам е за една лага која со денови ни ја протнуваат, а тоа е го заштитиле македонскиот јазик, дека бил бетониран. Истата лага ја кажуваа кога го потпишаа Преспанскиот договор и викаа дека македонскиот јазик и идентитет се бетонирани и денеска расправаат за тој бетон“
порача новинарот Дарко Јаневски.

„Нас не сметаат за црви и гасеници или за психопати зашто си го знаеме името, идентитетот и татковината. Тие го уништуваат македонскиот народ, не за геноцид“
рече Ефтим Клетников.
Протестот се одржува под мотото „Ултиматум-не благодарам“ , нема официјален организатор , но е поддржан од повеќе граѓански организации и политички партии меѓу кои и од најголемата опозициска ВМРО-ДПМНЕ.
