Денеска е вториот ден од „викендот без ДДВ“, кој ќе трае и утре. Ова е мерка од четвртиот пакет антикризни мерки на Владата и со неа ќе се враќа целосниот данок на додадена вредност (ДДВ) од фискалните сметки за македонски производи и услуги и компјутерска опрема.
Мерката важи за граѓаните кои ја користат апликацијата „Мој ДДВ“. Фискалните сметки од 10, 11 и 12 октомври треба да се скенираат во рок од три дена од издавањето, а повратот на парите кај граѓаните треба да се исплати во рок од 15 дена односно до крајот на октомври.
Вкупниот промет од македонски производи услуги и компјутерска опрема за кој ќе се враќа целосен износ на ДДВ, како што посочија од УЈП, е најмногу до 30 000 денари по лице.
За прометот над оваа сума или доколу сметките не се скенираат во рок од три дена, повраток на ДДВ ќе се пресметува според редовната пресметка односно 20 проценти.
Засега околу 350 000 граѓани ја користат апликацијата „Мој ДДВ“, а процените се дека со оваа мерка кај граѓаните ќе се слеат 17 милиони евра.
Законските измени за да се спроведе оваа мерка беа донесени во петокот, а потоа в.д. директорот на УЈП Фарук Омери на прес-конференција рече дека ова засега е единствениот „викенд без ДДВ“ што се планира.