Од утре до понеделник (10, 11 и 12 октомври) во земјава ќе се спроведува мерката „Викенд без ДДВ“ со која ќе се враќа целиот данок на додадена вредност за македонски производи и услуги, како и за компјутерска опрема без разлика на нејзиното потекло.
Собранието денеска ги изгласа законските измени, по што в.д. директорот на УЈП, Фарук Омери, на прес-конференција зборуваше за деталите. Мерката ќе може да ја користат граѓаните што ја користат апликацијата „Мој ДДВ“ и со неа ќе треба, како и досега, да ги скенираат фискалните сметки. Меѓутоа, за да имаат целосен поврат на ДДВ (за македонски производи и услуги и за компјутерска опрема) тие ќе треба да ги скенираат сметките во рок од три дена на издавањето.
„Значајно е дека за враќање на целиот износ граѓаните треба да ги скенираат фискалните сметки во рок од три дена од издавањето. Ако ги скенираат по овој рок, враќањето на ДДВ за овие производи ќе продолжи како и досега, односно ќе се враќаат само 20 проценти од ДДВ. Важно е да се напомене и дека вкупниот промет од македонски производи услуги и компјутерска опрема за кој ќе се враќа целосен износ на ДДВ е најмногу до 30 000 денари по лице, а за надминатиот износ вкупниот промет ќе се пресметува според редовната пресметка односно 20 проценти“,
рече Омери.
Парите од повратот на целосниот ДДВ ќе треба да „легнат“ на сметките на граѓаните во рок од 15 дена, односно до крајот на октомври.
Ова засега е единствениот „викенд без ДДВ“ кој се планира, а Омери апелираше до трговците да ги означат македонските производи и услуги и компјутерската опрема и да ги разделат од останатите за граѓаните да знаат за кои важи целосниот поврат за ДДВ. Тој вели дека УЈП засега нема сознанија дека трговците тенденциозно ги зголемуваат цените, но порача дека на терен ќе биде и Пазарниот инспекторат кој ќе работи на откривање на евентуалните малверзации.