Адвокатите на Доналд Трамп го повикуваат Врховниот суд да ја поништи одлуката од Колорадо и бараат да се заштитат правата на десетици милиони Американци кои сакаат да гласаат за Трамп за претседател. Тие се обидуваат да докажат дека состојбата на 6 јануари 2021 година не спаѓа во оние опфатени со 14-тиот амандман на Уставот, кој бил усвоен во 1868 година по Граѓанската војна, а со кој им се забранува на високи јавни функционери да бидат вклучени во ситуации на „бунт“, откако дале заклетва дека ќе го бранат Уставот
Поранешниот претседател Доналд Трамп, фаворит на прелиминарните избори на републиканците, се обидува да ја поништи пресудата донесена во декември минатата година во судот на државата Колорадо со која се бара неговото име да се отстрани од гласачкото ливче во оваа држава, пренесува Си-ен-ен.

Причината за ваквата одлука е наводната улога на Трамп во упадот што неговите поддржувачи го извршија во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година.
Од дваесетте држави каде што беа поднесени жалбите за неподобност на Доналд Трамп, само две беа успешни, во Колорадо и во Мејн.
Се смета дека одлуката на Врховниот суд во Колорадо се однесува само на републиканските прелиминарни избори во државата на 5 март. Но, нејзиниот заклучок најверојатно ќе влијае и на статусот на Трамп за општите избори на 5 ноември.
Адвокатите на Доналд Трамп го повикуваат Врховниот суд да ја поништи одлуката од Колорадо и бараат да се заштитат правата на десетици милиони Американци кои сакаат да гласаат за Трамп за претседател.
Тие се обидуваат да докажат дека состојбата на 6 јануари 2021 година не спаѓа во оние опфатени со 14-тиот амандман на Уставот, кој бил усвоен во 1868 година по Граѓанската војна, а со кој им се забранува на високи јавни функционери да бидат вклучени во ситуации на „бунт“, откако дале заклетва дека ќе го бранат Уставот.
Адвокатите на Доналд Трамп тврдат дека настанот од 6 јануари не претставувал бунт и дека нивниот клиент не бил вклучен во тие настани.
Но, судот во Колорадо одлучи дека дејствијата на Доналд Трамп на 6 јануари 2021 година спаѓаат токму под тој 14-ти амандман.
Тогаш, поддржувачи на Трамп, разжештени од неговите наводи за изборна измама, упаднаа во Капитол за да се обидат да ја спречат потврдата за победата на неговиот демократски противник Џо Бајден.
Доколку Врховниот суд не донесе одлука против Трамп, голема е веројатноста тој да биде противкандидат на актуелниот демократски претседател Џо Бајден на изборите во ноември.
Постои притисок одлуката да се донесе пред 5 март, кога гласачите во 15 држави, вклучително и Колорадо, треба да го дадат својот глас на републиканските прелиминарни избори.