„Напоменуваме дека е неопходно пополнување на испразнетите судиски места, кои согласно одлуката на Судскиот совет се предвидени 28 места, вклучувајќи го и претседателот на судот, а пополнети на крај на 2024 година се 11 судиски места. Ревизијата истакнува дека во месец мај 2025 година зголемен е бројот на судии на 14, вклучувајќи го и претседателот на судот“, нотира ревизорот
Според извештајот на државниот ревизор, во тек се 28 судски постапки што се водат пред надлежни судови и до денот на ревизијата конечниот исход од нив не е познат поради што постои неизвесност за финансиските импликации на буџетот на Врховниот суд во иднина
Со анализа на податоците е утврдено дека износот на одобрени средства за судска власт за 2024 година изнесуваат 2,6 милијарди денари, што е 63 проценти помалку од законски утврдениот лимит и претставува 0,3 отсто од БДП
Највисокиот суд во државата работи со половина судии и потребниот капацитет, се соочува со недоволно финансии, а дополнително вработени бараат околу 4,2 милиони денари или околу 70 000 евра врз основа на тужби. Ова е се дел од главните забелешки што Државниот завод за ревизија (ДЗР) ги нотира во конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2024 година на Врховниот суд.

Тужби и недоволен број судии
Според извештајот на државниот ревизор, во тек се 28 судски постапки што се водат пред надлежни судови и до денот на ревизијата конечниот исход од нив не е познат поради што постои неизвесност за финансиските импликации на буџетот на Врховниот суд во иднина.
„Во Врховниот суд на Република Северна Македонија во тек се 28 судски постапки. Судот се јавува како тужена страна врз основа на тужби од вработени по основ на надоместоци и права од работен однос во вкупен износ од 4 280 илјади денари. Бидејќи станува збор за судски постапки што се водат пред надлежните судови до денот на ревизијата, конечниот исход од нив не е познат, при што постои неизвесност за финансиските импликации на буџетот на Врховен суд во иднина“,
се наведува во извештајот на ДЗР.
Кога станува збор за судиите, ревизорот посочува дека согласно одлука на Судскиот совет во Врховниот суд се предвидени 28 места, вклучувајќи го и претседателот на судот. До крајот на 2024 година, како што се наведува, биле пополнети 11 судиски места, кои во мај лани се зголемиле на 14, вклучувајќи го и претседателот на Врховен.
Тука ревизорот забележува и една, условно кажано, дискрепанција. Имено, додека судот работи со половина од потребниот број судии, бројот на решени предмети е зголемен.
„Со извршената анализа на бројот на решени предмети ревизијата утврди позитивен тренд на зголемување на бројот на решени предмети во последните години односно во континуитет се намалува бројот на нерешени предмети на крај на годината“,
се вели во извештајот.

Сепак, Ревизија нотира оти е неопходно пополнување на испразнетите судиски места заради зголемување на ефикасноста на највисокиот суд во државата.
„Напоменуваме дека е неопходно пополнување на испразнетите судиски места, кои согласно одлуката на Судски совет се предвидени 28 места, вклучувајќи го и претседателот на судот, а пополнети на крај на 2024 година се 11 судиски места. Ревизијата истакнува дека во месец мај 2025 година зголемен е бројот на судии на 14, вклучувајќи го и претседателот на судот“,
се наведува во извештајот.
Административни недостатоци
Дополнително, ревизорот забележува и на други административни недостатоци во Врховниот суд, а кои се однесуваат на оценувањето и судските службеници и на припадниците на судската полиција.
„Со член 87 и член 124 од Законот за судска служба, предвидено е судските службеници и припадниците на судската полиција задолжително да се оценуваат еднаш годишно, со што би се обезбедило континуирано следење на работењето на судските службеници во текот на целата година и по потреба предлагање на мерки за подобрување. Со Законот за судска служба предвидено е начинот на оценување на судскиот службеник, формата и содржината на образецот за оценување, како и формата и содржината на Извештајот од оценувањето да ги пропишува Министерот за правда. Од страна на Министерот за правда овие обрасци се донесени во месец ноември 2024, но истите не се однесуваат и на судската полиција. До денот на извршување на ревизијата сè уште не е утврдена формата и содржината на образецот за оценување на судската полиција“,
наведува Државниот ревизор во извештајот.

Ревизијата дополнително утврдила и дека во Врховниот суд од септември 2023 година нема назначено лице за судски администратор бидејќи лицето што дотогаш било на оваа позиција заминало во пензија.
Од увидот во годишните планови за вработување, ревизорите утврдиле дека предвидено вработување на судски администратор, но за тоа не била добиена согласност од надлежните институции.
„Имајќи предвид дека согласно член 61 од Судскиот деловник и Правилникот за внатрешна организација и систематизација на работните места во судот надлежноста на судскиот администратор е да раководи со судската служба и да ја организира работата на судската служба, непополнувањето на наведеното работно место влијае на организирањето и функционирањето на судот и во вршењето на своите надлежности“,
нотира ДЗР во конечниот извештај за Врховниот суд за 2024 година.
Прекувремена работа
Во однос на судската полиција, освен што нема образец за нејзино оценување, ДЗР во извештајот забележува и дека се надминати законските ограничувања за прекувремена работа бидејќи се исплатени 781 час повеќе од дозволениот годишен максимум. Ова, како што се наведува, укажува на недостиг на кадар.
„Во актот за систематизацијата на Врховниот суд на Република Северна Македонија во делот на судската полиција предвидени се 8 работни места, а пополнети се 5 работни места и тоа: командант, командир, заменик командир и 2 лица судски полицајци. Со увид во документацијата утврдивме дека се исплатени часови за прекувремена работа со што е надминат предвидениот максимум од 190 часа годишно по вработен, односно исплатени се 781 часа над предвидениот максимален број на часови за прекувремена работа. Во 2024 година од страна на Министерството за правда со допис доставено до Судски буџетски совет побарани се податоци за преземање на професионални војници со навршени 45 години возраст и истиот е доставен до Врховен суд. Командирот на судската полиција информира дека обезбедувањето во судот се врши непрекинато 24 (дваесет и четири) часа, согласно планот за обезбедување на судот и дека бројната состојба на кадровската екипираност на припадниците на судската полиција во судот е непроменета од 2018 година и истиот е во доволен број и со соодветна подготвеност за да одговори на сите предизвици во извршување на тековните работни задачи“,
се вели во извештајот.

Судот, како што се наведува, до Судскиот буџетски совет доставил известување дека кадровската екипираност на припадниците на судската полиција е во доволен број за извршување на работните задачи, но Ревизорот забележува дека согласност член 117 став 2 од Законот за работни односи прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени.
Во таа насока од ДЗР сметаат дека е неопходно да се преземат активности за пополнување на работните места на судската полиција предвидени со актот за систематизација, со цел да се подобри работењето во делот на обезбедувањето на Врховниот суд.
Забелешки за финансирањето
Ревизорот има забелешки во делот на финансирањето на судството. Со анализа на податоците е утврдено дека износот на одобрени средства за судска власт за 2024 година изнесуваат 2,6 милијарди денари, што е 63 проценти помалку од законски утврдениот лимит и претставува 0,3 отсто од БДП. Дополнително, како што се наведува, со ребалансот на буџетот од август 2024 година извршено е намалување на одобрениот буџет за судска власт за износ од 42,6 милиони денари.
„Средствата кои се издвојуваат од Буџетот за 2024 година за финансирање на Судската власт не го достигнуваат законски утврдениот процент од 0,8% од бруто домашниот производ на Буџетот на Република Северна Македонија…Исто така, трендот на одобрени средства за судска власт за период 2021 – 2024 година укажува дека нема значајни разлики во износот на барани, одобрени и реализирани средства за судска власт, во одделните години. И покрај разликите во бараните и одобрените средства за Судска власт, не е изготвен писмен документ за постигната согласност, ниту Извештај за причините за неусогласеноста на бараните и одобрените средства, кој согласно член 15 од Законот за судскиот буџет треба да се достави до Владата и до Судскиот буџетски совет, кој треба да даде мислење по истиот. Во член 4 од Законот за судскиот буџет е уредено дека во случај на ребаланс на буџетот не може да се намалуваат средствата наменети за финансирање на Судската власт“,
се наведува во извештајот.
Утврдената состојба, како што се наведува, создава ризик од непречено стабилно и долгорочно финансирање на судската власт, обезбедување на уставната и законски предвидената независност и самостојност, како и забавување на планираните реформи во судската власт.
Прашањата што ги покрива нацрт-извештајот биле дискутирани на завршниот состанок со раководството и одговорните лица на Врховниот суд на Република Северна Македонија, одржани на 30 март 2026 година и 3 април 2026 година, за кои од Судот дале свои коментари и објаснување.
Од страна на одговорното лице на Врховен суд на Република Северна Македонија не биле добиени забелешки на нацрт-извештајот на овластениот државен ревизор.
