„Сакам да упатам една јасна порака до македонските граѓани, а тоа е дека времето кога пајакот и кабелот беа криви заврши. Македонските граѓани можат да направат разлика и за она што досега е спроведено, во споредба со она што било правено претходно“, рече министерот Тошковски

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на заедничката пресконференција со државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски потврди дека потврди дека Обвинителството во соработка со Министерството за внатрешни работи ја проширило истрагата за пожарот во Кочани за нови 19 лица.
Според Тошковски, до овој момент истрага е поведена против вкупно 45 физички и три правни лица. Тој рече дека еден од нив, по отворањето на истрагата почина како последица на повредите здобиени во пожарот и затоа, по целосно прибавување на документацијата за неговата смрт, постапката за него ќе биде запрена.
Тошковски рече дека истрага се води и против седум полициски службеници во постапката што ја отпочна Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција односно Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција.
„Сакам да упатам една јасна порака до македонските граѓани, а тоа е дека времето кога пајакот и кабелот беа криви заврши. Македонските граѓани можат да направат разлика и за она што досега е спроведено, во споредба со она што било правено претходно. Мислам дека на секој еден од нас му е јасно дека разликата е огромна, дека за разлика од претходно со оние три, четири трагедии коишто цело време се споменати во јавноста, каде што имавме повеќе од седумдесеттина жртви. Во минатото МВР немаше поднесено никаква кривична пријава до Јавното обвинителство. Во минатото МВР, немаше ниеден осомничен којшто би требало да го процесуира и даде на понатамошна обработка на Јавното обвинителство“,
рече Тошковски.
Тошковски рече дека не смее да се дозволи истрагата да биде под влијание на политичките препукувања од, како што рече, недобронамерниците кои сакајќи на гневот на македонските граѓани да заработат некој политички поен, можат да го изместат текот на настаните во непосакувана насока од аспект на спроведување на законита, темелна и професионална истрага.
„Нема да го дозволиме тоа. Ќе продолжиме и понатаму да работиме и за секој еден што ќе биде утврдено било каква причинско последична врска со предметниот кривично правен настан каде што загинаа 61 млад човек, ќе биде преземено соодветно дејствие, во рамки на законските надлежности што се дадени, како на Министерството за внатрешни работи, така и на Јавното обвинителство“,
потенцираше тој.