Во деновите од викендот, според најавите на УХМР, времето ќе биде стабилно и посвежо. Температурите од понеделник повторно ќе бидат во пораст

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Во прогнозата од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) се вели дека попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Локално ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На некои места процесите ќе бидат поинтензивни со пообилен пороен дожд и невреме со појава на град. Утринската температура ќе биде од 10 до 16 Целзиусови степени, а дневната од 24 до 33 степени.
И во Скопје денеска ќе има сончево и топло време со мала до умерена облачност. Во вечерните часови и во текот на ноќта во делови од котлината ќе има појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Температурата ќе се движи од 15 степени наутро до 33 во текот на денот.
За утре синоптичарите најавуваат променливо облачно време, претпладне ќе има повремени врнежи од дожд кои локално ќе бидат проследени со грмежи. Наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за ретка појава на град. Ќе дува засилен, вдолж Повардарието повремено силен ветер од северeн правец кој на одредени делови ќе достигне брзина од над 60 километри на час.
Во деновите од викендот, според најавите на УХМР, времето ќе биде стабилно и посвежо. Температурите од понеделник повторно ќе бидат во пораст.
