Од УХМР најавуваат дека до четврток времето ќе биде променливо облачно со услови за локални врнежи од дожд

Променливо облачно време со сончеви периоди најавуваат за денеска од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Попладне и во текот на ноќта во јужните и во западните делови од земјата ќе има локални врнежи од дожд. Во текот на денот ќе дува умерен, а наместа вдолж Повардарието засилен ветер од југоисточен правец со брзина од над 60 километри на час. Утринската температура ќе се движи од четири до 10 Целзиусови степени, а дневната од 15 до 22 степена.
Во Скопје денеска во претпладневните часови ќе има сончево време, а попладне променливо облачно. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Температурата ќе се движи од осум степени наутро, до 21 степен во текот на денот.
За утре се најавува претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд и со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура утре ќе биде во интервал од 17 до 23 степени.
Од УХМР најавуваат дека до четврток времето ќе биде променливо облачно со услови за локални врнежи од дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во четврток во источните делови од земјата кога ќе има и услови за појава на ретки грмежи.
Во петок ќе биде претежно облачно, а во сабота сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Во недела претпладне времето ќе биде сончево, а попладне ќе има услови за дожд претежно во западните делови.
