Епидемиолог од Центарот за јавно здравје во Битола, д-р Тони Коњановски на својот профил на Фејсбук информираше дека е позитивен на ковид-19.
„Сега кога сум на „оваа страна од барикадите” жалам што како и многумина мои колеги, понесени од одговорноста да помогнеме и да ги заштитиме другите, не успеавме самите “да се довардиме”, но тоа е ризикот на оваа професија, за која воопшто не жалам“,
вели Коњановски.
Коњановски, кој е и советник во Општина Битола од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека „во време кога се рушат сите црни рекорди и статистики здравствените авторитети треба конечно во свои раце да ги земат работите и да донесат непопуларни, но храбри одлуки“.
Тој предлага: онлајн наставата во основните, средни училишта и факултетите и разгледување на можност за продолжен зимски распуст, затворање и прекин на работата на сите кафетерии, кафичи, кафеани, ресторани освен оние кои можат да организираат шалтерска услуга или достава на храна, времен прекин на работа на кладилници, спортски обложувалници и казина, организиран и регулиран влез во маркети и продавници, прекин на маркетинг камањите од типот „Блек фрајдеј”, а како последна мерка доколку предходните немаат ефект предлага „викенд карантини” од петок во 17 часот до 05 часот наутро во понеделник во текот на целиот декември.
„Не треба човек да биде премногу паметен ниту кој знае каков експерт, само треба да ги согледа параметрите, епидемиолошките показатели и статистиката. Во многу поорганизирани земји од опкружувањето, вакви и порестриктивни мерки веќе неколку недели се во важност. Да се биде одговорен пред нацијата, а здравјето на граѓаните да биде прв приоритет без разлика на последиците по себе, е императив на секоја државна политика и најбитно во моментов“,
напиша Коњановски на Фејсбук.