Според претседателот на ССМ, трошоците за превоз и храна, чие враќање ќе биде едно од главните барања на протестот по повод Денот на трудот – 1 Мај, треба да изнесуваат 20 проценти од просечната плата
Враќање на трошоците за храна и превоз и зголемување на минималната плата во првите 100 дена на новата влада ќе бидат главните барања што работниците ќе ги испорачаат на протестот на 1 мај по повод Денот на трудот што денеска на прес-конференција го најави претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Стојан Трендафилов.

Информирајќи за протестот, првиот човек на ССМ рече дека работничкото движење во земјава денес е исправено пред сериозен предизвик, кој според Трендафилов лежи во односот на креаторите на политиките, кои во изминатиот период покажале дека се грижат само себе, а не и за работниците.
Првомајскиот протест, како што соопшти тој, ќе почне во 11 часот пред Работничкиот дом, по што неговата маршрута ќе тргне до Собранието и Стопанската комора и ќе заврши пред Владата, каде што присутните ќе ги изложат своите пораки, дека не се задоволни и дека тие што чекаат да одлучуваат за нив на парламентарните избори треба да направат повеќе и да се погрижат повеќе за работниците.
Трендафилов рече дека ова не треба да се смета како повик од Сојузот на синдикатите на Македонија за учество на работничкиот протест на 1 мај, туку како повик од сите работници во земјава бидејќи сите заедно се соочуваат со притисокот од ниските плати, егзистенцијалните услови и со проблемите кои му се прават на синдикалното движење со конфискацијата на Работничкиот дом.
„Ние работниците излегуваме на протест и на 1 мај ќе побараме враќање на трошоците за храна и превоз, право кое го изгубивме во 2009 година поради бруто-системот на пресметка на плати во Македонија, ќе бараме зголемување на платите во првите 100 дена на новата влада, особено зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра, онолку колку што истата изнесува во регионот за да не се доведеме во ситуација нашите граѓани, работниците од Македонија да градат туѓи економии и да работат за туѓи интереси“,
рече претседателот на ССМ на прес-конференцијата.
Тој потсети на заостанатите плати кои ги бараат работниците во Јавното претпријатие „Македонски шуми“ и во „Водостопанство“ и на барањата на вработените во културата за исплата на плата согласно зголемувањето на минималната плата.
„Податоците на Управата за јавни приходи јасно кажуваат дека повеќе од 20 000 работници примаат плата помала од минималната плата. Тоа е недозволиво во едно општество и ја користиме приликата да ги повикаме сите работници, сите синдикати, сите организации кои се борат за работниците да се придружат на работничкиот протест на 1 мај… Пораките кои ќе ги испратиме на 1 мај треба да бидат црвен аларм за сите оние кои што ќе го очекуваат гласот на работниците на 8 мај. На ваков начин сметаме дека сега ни е можноста и шансата на нас како работници да бидеме гласни и да бидеме најгласни. Кој ако не ние, кога ако не денес“,
порача претседателот на ССМ.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со новата пресметка на синдикалната минимална кошничка, Трендафилов рече дека таа веќе се пресметува и дека она што може да го каже е дека таа ќе биде зголемена за најмалку 1 200 денари и ќе ја надмине психолошката бариера од 60 000 денари.
„За жал, работниците во Македонија од јануари до април се посиромашни месечно за некаде околу 3 000 денари или за 50 евра. Ако тоа не е доволна причина работниците во Македонија да ни се придружат на Првомајскиот протест и ако не е тоа доволна причина да излезат и да кажат дека премали се платите, а преголеми се трошоците треба да размислат добро. Тоа што можам да кажам е дека психолошката бариера од 60 000 денари новата пресметка на синдикалната минималната кошничка сигурно ја поминува и тоа треба да биде црвен картон за сите оние кои се сомневаа и во пресметката на синдикалната минимална кошничка, меѓутоа се сомневаа и укажуваа дека работниците во Македонија можат да преживеат со далеку помалку. Синдикалната минимална кошничка за потсетување не ја пресметуваме за да им покажеме на работниците со колку може да преживеат, туку да им покажеме дека не се живее ни со толку на креаторите на политиките. Лесно е да креирате политики со 2 000 евра, тешко е да преживеете со 22 500 денари“,
рече Трендафилов.
Од бројот на работници што ќе излезат на првомајскиот протест, додаде тој, ќе зависи во која мера ќе го добијат тоа што го бараат.
„Да не се лажеме, ако не излезете на протест нема да добиеме ништо. Колку ќе дојдеме, колку ќе излеземе на протест, толку ќе добиеме. Доколку очекувате дека во наредните години некој кој ќе ја води државата да ве слушне сте се излажале. Денес е моментот кога треба да излезете на улица и да кажете што барате од сите тие кои очекувате да ја водат државата“,
порача првиот човек на ССМ.
Во врска со проблемот околу зградата на Работничкиот дом, прашан дали доколку дојдат државни служби со сила ќе бидат спречени да влезат Трендафилов изјави:
„Државните служби ги чекаме на 1 мај да дојдат и да влезат во Работничкиот дом. Нека си ја пробаат среќата“

Според претседателот на ССМ, трошоците за превоз и за храна, чие враќање ќе биде едно од главните барања на првомајскиот протест, треба да изнесуваат 20 проценти од просечната плата.
„Бараме 20 проценти од просечната плата за трошоци за превоз и за храна, ако имаме предвид дека секојдневно поскапуваат не само реагенсите кај кои е главната вина за пресметката за трошоците за превоз кои поскапуваат премногу, туку и трошоците за храна, ако имате предвид дека веќе во синдикалната минимална кошничка над 20 000 денари изнесуваат трошоците за прехранување на едно четиричлено домаќинство, зборуваме за леб и за вода, а не и за повеќе. Заради тоа сметаме дека трошоците за храна и за превоз треба задолжително да се вратат на платите на работниците ако имаме во предвид дека 22 500 денари е минималната плата од месец март оваа година. Доколку ги пресметате трошоците за храна и за превоз согласно даночните ослободувања ќе видите дека немате плата ниту 14 000 денари. Заради тоа работниците го очекуваат од нас барањето за враќање на трошоците за храна и превоз“,
рече Трендафилов.