По најавите за штрајк раководството на ЈСП соопшти дека во наредните денови вработените ќе ја добијат заслужената плата и граѓаните на Скопје нема да останат без јавен превоз
Раководството на репрезентативните синдикати на ЈСП по денешниот состанок донело одлука утре да не почнува со штрајк, бидејќи им било ветено дека ќе им биде исплатена заостанатата плата.
„Одлучивме да дадеме шанса на менаџерскиот тим на ЈСП тоа да го направи во текот на утрешниот ден. Граѓаните на Град Скопје и они други кои што го користат јавниот превоз да бидат мирни утре ќе можат од своите домови до своите работни места да одат слободно без никакво прекин“,
изјави Миќо Стојановски од Синдикатот на работниците од сообраќај и врски за Канал 5 телевизија.
Но, како што посочи Стојановски, доколку до среда не им биде исплатена платата ќе прекинат со работа.
По најавите за штрајк раководството на ЈСП соопшти дека во наредните денови вработените ќе ја добијат заслужената плата и граѓаните на Скопје нема да останат без јавен превоз.
„Веруваме дека централната власт и дел од општините ќе ги исплатат заостанатите обврски кои ги имаат за испорачаната услуга од страна на ЈСП за организиран превоз за одредени категории патници, средства со кои се исплаќа платата за вработените во ЈСП. Очекуваме дека час поскоро ќе ги подмират минатогодишните долгови и тековните обврски како не би се довела во прашање редовната работа на претпријатието“,
соопштија од раководството на ЈСП.
Стојановски претходно информираше дека во ЈСП многу долг период наназад доцни исплатата на платата, поради одредени причини. Како што рече тој, веќе 35 дена немаат примено плата.
„Ние во ЈСП ги сервисираме и возилата на Противпожарната бригада на Скопје и на Градот Скопје. Зголемен е и обемот на работа, меѓутоа обврските Градот Скопје кон нас перманентно со месеци и години не ги извршува. Сите одлуки на Советот на Град Скопје за зголемување на автобуски линии, за зголемување на обемот на работата ние ги почитуваме, а 60 отсто од нашите корисници се бенефицирани корисници, пензионери, ученици, студенти и ние всушност не остваруваме приход, не сме профитабилна фирма“,
додаде Стојановски.