Според претседателот на Синдикатот на УПОЗ, вработените во Фондот за здравствено осигурување стравуваат дека освен без усогласување со минималната плата ќе останат и со помали плати по 31 мај
Вработените во Фондот за здравствено осигурување утре повторно ќе излезат на протест, на кој, како што потврди денеска претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, ќе изнесат три барања.
Според него, ќе се бара разрешување на Управниот одбор на Фондот, усогласување на платите на вработените со минималната плата и задржување на вредноста на бодот за пресметка на платите и по 31 мај 2024 година.
Тие на властите им даваат рок од еден месец за исполнување на барањата, во спротивно се закануваат дека од 1 јуни ќе стапат во генерален штрајк.
„Во моментов имаме три барања. Значи, не добивме усогласување со порастот на минималната плата, тоа го бараме сега. Бараме да се донесе вредност на бод со кој ќе се заштитат платите коишто сега ги имаат (вработените) за што беше и штрајкот во февруари. Меѓутоа, одлуката што беше донесена тогаш од страна на Владата беше дека овие плати ќе останат до 31.05.2024 г. И третото барање е да се разрешат сите членови на Управниот одбор на Фонд за здравствено осигурување бидејќи во петокот имаа седница на Управниот одбор на којашто наместо да донесат одлука и за усогласување со минималната плата и да се задржи вредноста на бодот тие решија да ја одложат седницата за по завршување на изборите“,
вели Деаноски во изјава за ТВ Телма“.
Според него вработените во Фондот за здравствено осигурување, од 830 до 850 на број, стравуваат дека освен без усогласување со минималната плата ќе останат и со помали плати по 31 мај.
Тој вели дека викендов имале состаноци со колегите од подрачните единици на Фондот, а денеска се одржал состанок и во скопската подрачна единица.
„Не знам зошто ваква одлука е донесена од страна на Управниот одбор. Буквално нè принудуваат повторно да излеземе на улица. Јас можам да кажам само дека на вработените и на нас како Синдикат ни е жал бидејќи граѓаните се најголеми корисници на услугите на Фонд за здравство и граѓаните најмногу ќе патат“,
додава претседателот на Синдикатот на УПОЗ.
Вработените во Фондот за здравство на почетокот на февруари годинава излегоа на штрајк кој траеше неколку дена, со барање платите во текот на оваа година да им останат во истиот износ како онаа што ја добиле за декември минатата година со утврденото зголемување од 15 проценти.
Штрајкот во февруари уследи по протест кој се одржа една недела претходно, а на кој вработените во ФЗО го изразија своето незадоволство од можното намалување, односно, како што рекоа тогаш од синдикатите, препораката на Владата за намалување на платите за 21 процент.
По три дена штрајк, тој беше ставен во мирување откако од раководството на Фондот соопштија дека со Владата донеле одлука платите да останат со еднаква вредност до 31 мај, до донесување трајно решение.
Инаку, буџетот на ФЗО е над 46 милијарда денари и од него за плати се издвојуваат 1,19 проценти.