Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги повика МВР и Обвинителството да ги испитаат наводите на новинарката на „А1он“, Мери Јордановска, дека државен службеник вработен во Централниот регистар ѝ се заканувал преку интернет.
„Ако се потврдат наводите на Јордановска, бараме итно и соодветно да се санкционира службеникот и го повикуваме менаџментот на Централниот регистар да поведе дисциплинска мерка против својот вработен. Само на овој начин ќе се обесхрабрат сите оние што во иднина би помислиле повторно да им се закануваат на новинари“,
велат од Синдикатот.
„Гуска“, „пропагандистичка ороспија“, „да те искреираат на некролог“ се дел од заканите кои, како што објави на Фејсбук Јордановска, ги добила од Емил Јакимовски, вработен во Централниот регистар.
„Јакимовски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, е државен службеник. Работи во Централниот регистар, а заедно со неговиот брат се сопственици на неколку портали. За ова е веќе пријавен во МВР преку Хелсиншкиот комитет, особено затоа што за него веќе има пресуда за семејно насилство, а овие принт-скринови ги објавувам со чиста совест, за партијата да го преиспита психичкото здравје на оние што ги вработувала и на оние што го креираат јавното мислење“,
напиша Јордановска на Фејсбук.
„Фактот дека Јордановска не е нападната само како новинар туку и како жена (што може да се забележи од заканите што новинарката ги објави на Фејсбук) покажува дека во оваа држава треба да се вложат уште многу напори за еманципација“, велат од ССНМ и апелираат до МВР и до Обвинителството поревносно да ги откриваат и санкционираат ваквите случаи, особено што нивниот број се зголемува во периодот на предизборието.
Осуда упати и Здружението на новинарите на Македонија од каде апелираат до политичките партии најостро да ги осудат заканите, во пресрет на изборите да демонстрираат коректен јавен однос кон новинарите и да укажат на своите членови дека нападите и заканите кон новинарите претставуваат кривични дела и за истите се одговара.