Министерот Филипче рече дека тој од моментот на пристигнување е во домашна изолација, немал контакти со никого и во моментов е на инфективното одделение во болницата во Струмица
Возачот на комбето со кое патувала пациентката кај која е потврдено присуство на коронавирусот пред неколку часа се пријавил со симптоми на болка во градите и кашлица, направено му е тестирање и резултатите се очекуваат за неколку часа.
Тој се наоѓа на инфективното одделение во струмичката болница и немал контакти со никого од моментот кога пристигнал во земјава, соопшти попладнево министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата.
Тој објасни дека возачот деновиве бил во домашна изолација, сам, а за симптомите пријавил на телефоните на Институтот за јавно здравје.
Тој ќе остане во струмичката болница додека не бидат готови резултатите. Доколку се позитивни, рече Филипче, ќе биде пренесен на Инфективната клиника во Скопје, според соодветните протоколи.
За пациентот што утрово бил тестиран, Филипче рече дека имал негативен резултат за присуство на коронавирус.
Состојбата на единствената заразена во земјава е добра и таа останува во изолација на Инфективната клиника во Скопје.