Британската кралица вечерва ѝ порача на нацијата дека ќе успеат во борбата против пандемијата и дека ќе се вратат подобрите денови
Британската кралица Елизабета Втора (93) вечерва имаше вонредно обраќање до нацијата и им порача на Британците дека ќе успеат во борбата против пандемијата на коронавирусот.
Како што пренесува Би-би-си, кралицата им се заблагодари на оние кои ги следат владините препораки да останат дома и ги пофали граѓаните кои се ангажираат да им помогнат на другите. Им се заблагодари и на луѓето во професиите кои се клучни за справување со пандемијата, нагласувајќи дека секој нивен час работа значи чекор поблиску до враќање кон понормални времиња.
„И порано се соочувавме со предизвици, но овој пат е поинаку. Овој пат се здружуваме со сите нации низ целиот свет во заеднички напор, користејќи ги големите достигнувања на науката и нашето сочувство. Ќе успееме, и тој успех ќе му припаѓа на секој од нас. Треба да ни биде утеха тоа што, иако можеби ќе треба уште да издржиме, ќе се вратат подобри денови: повторно ќе бидеме со пријателите; ќе бидеме повторно со нашите семејства; ќе се сретнеме повторно“
рече кралицата во обраќањето до нацијата.
Кралицата на Британија исто така рече дека болното чувство на одвојување од своите најблиски, што социјалното растојание им го предизвикува на луѓето, ја потсетува на искуството што ги имаа децата евакуирани за време на Втората светска војна.Таа додаде дека сега, како и тогаш, се знае која е вистинската работа што треба да се направи.
Би-би-си го оценува ова обраќање на кралицата како амбициозно, со цел да се смири и мотивира нацијата. Како што анализира Би-би-си, во ова обраќање не се зборува за „борба“, „битка“, „конфликт“, туку за „самодисциплина“, „тивка добронамерна одлучност“ и „сочувство“.