Малку е веројатно дека луѓето може да заболат од ковид-19 од храна или нејзиното пакување. Ковид-19 е респираторно заболување и примарниот пат на пренесување е преку директен контакт од човек на човек и преку директен контакт со респираторни капки генерирани кога заразено лице кашла или кива.
Ова го пишува во заедничкиот водич за ковид-19 и безбедноста на храната кој го подготвија Светската здравствена организација (СЗО) и Организација за земјоделство и храна (ФАО), а е наменет за компаниите кои работат со храна, производство и промет на храна.
„Досега нема докази за вируси кои предизвикуваат респираторни заболувања да се пренесуваат преку храна или нејзиното пакување. Коронавирусите не можат да се размножуваат во храната, им треба домаќин, животински или човечки организам за да се размножуваат’,
пишува во водичот кој на македонски јазик го преведе Институтот за јавно зравје.
Сепак, тука СЗО потсетува дека вирусот може да се шири преку капките од кашлање или кивање ако тие стигнат до носот, устата или очите. Но, бидејќи се тешки и паѓаат на површини и предмети околу заразеното лице кое кива, можно е некој да се зарази и ако допре загадена површина или предмет, а потоа се допре по носот, устата или очите.
Со оглед на тоа и на неодамнешните истражувања дека ковид-19 може да опстане на одредени површини и до 72 часа на пластика и не’рѓосувачки челик, до 24 часа на картон и до 4 часа на бакар, СЗО и ФАО во водичот нагласуваат дека се потребни мерки за заштита и во прехранбената индустрија.
Така, вработените во компаниите што работат со храна, а кои не се чувствуваат добро или имаат симптоми на коронавирус, нагласуваат од СЗО и ФАО, не треба да одат на работа.
„Ова е императив затоа што ако заразениот работник управува со храна, можно е тој да го пренесе вирусот во храната со која работи, или да го пренесе на површините за преработка на храна со кашлање и кивање, или преку контакт со рака. Утврдено е дека некои лица кои сè уште не покажуваат симптоми, се заразни и способни за ширење на вирусот. Ова ја потенцира потребата сите лица кои работат во прехранбената индустрија, без оглед на нивната очигледна здравствена состојба, да практикуваат лична хигиена и соодветно да користат заштитна опрема, како маски и ракавици“,
е наведено водичот каде се набројуваат останатите, веќе познати препораки, како миење на рацете, употреба на средства за дезинфекција, чистење на работните површини, избегнување на близок контакт итн.
Ракавиците може да дадат погрешно чувство на сигурност
Посебен осврт во водичот има и за ракавици. Се нагласува дека работниците во овие компании може да користат ракавици за еднократна употреба, но мора често да ги менуваат. Тие не се замена за мењето раце кое треба да го прават при секоја промена на ракавиците. Миењето раце е неопходно и кога отвораат или затвораат врати, кога ги празнат корпите за отпадоци.
„Ракавиците за еднократна употреба не треба да се користат како замена за миење раце. Вирусот ковид-19 може да ги загади ракавиците за еднократна употреба на ист начин како што опстанува и на рацете на работниците. Отстранувањето на ракавиците за еднократна употреба може да доведе до загадување на рацете со вирусот. Носењето ракавици за еднократна употреба може да даде погрешно чувство на сигурност и може да резултира со недоволно често миење на рацете на персоналот“,
пишува во водичот.
Затоа, продолжува водичот, миењето на рацете е подобра превентивна мерка за инфекција отколку носењето на ракавици за еднократна употреба.
Кога станува збор за физичкото растојание, пак, и за овие компании важат истите препораки. Работата да се организира на начин што работниците ќе бидат оддалечени еден од друг на најмалку 1-2 метра, како и да се свртени еден кон друг.
Вработените во маркетите не би требало да ја загадат храната ако ги почитуваат мерките
Едно од поглавјата во водичот на СЗО и ФАО е и безбедноста на храната во маркетите и продавниците.
„Работниците со храна во малопродажните простории не би требало да ја загадат храната доколку ги следат стандардните, добри лични хигиенски практики кои го намалуваат ризикот од пренесување на вирусот. Мерки, како што е често миење на рацете, употреба на средства за дезинфекција на рацете, употреба на заштитна облека, добра респираторна хигиена, ќе го намалат ризикот од ширење на болеста“,
објаснуваат од СЗО и ФАО.
Понатаму, се наведуваат препораките кои веќе се познати во јавноста, како регулирање на бројот на купувачи во продавниците, чекање во редици со растојание, поставување на средства за дезинфекција, ознаки на подот за да се држи дистанца итн.
Иако засега нема научни докази кои сугерираат дека храната е поврзана со пренесување на ковид-19, СЗО и ФАО нагласуваат дека е важно да се одржуваат хигиената околу полиците каде е поставена храната во маркетите, а потрошувачите да ги мијат овошјето и зеленчукот пред консумација.