Главниот шведски епидемиолог, Андрес Тенгел, денеска одржа прес-конференција на која објави дека бројот на новозаразени во Шведска рапидно паѓа, пренесува хрватскиот портал „Индекс“.
Шведска беше една од земјите во Европа која не воведе драстични рестрикции во март и април поради што беше мета на критики.
„Кривата се движи надолу“, изјави Тенгел објавувајќи дека Шведска во последните 24 часа имала два смртни случаи и 34 новозаразени. Од почетокот на пандемијата во оваа земја починаа 5 702 лица, а се заразија речиси 80 000.
„Генерално ова е многу позитивна вест. Се чини дека наскоро ќе можеме и да патуваме нормално“,
изјави епидемиолог.
Тој изјави дека постепено ќе се релаксираат мерките кои се однесуваат на патувањата, прво во регионот, а потоа и во земјите кои имаат ниска стапка на заразени (под 20 заразени на 100 000 жители во период од две недели).
„Тоа практично значи дека луѓето од Стокхолм ќе можат, на пример, да отидат во Германија“,
изјавил Тенгел.
На прес-конференцијата тој се осврна и на растечкиот тренд на новозаразени во Европа.
„За жал, гледаме негативен тренд во делови од Европа. Лошо е што тоа се случува во овој момент, но во Шведска го немаме тој тренд“,
заклучил епидемиологот.
Пад во бројот на починати и новозаразени
Денеска во Шведска на интензивна нега и на респиратори се само 46 пациенти со ковид-19, а вкупно во болниците се хоспитализирани 297 лица. Кога беше пикот на епидемијата, кон крајот на април, на интензивна нега беа околу 600 заразени, а во болниците се лекуваа 2 300 пациенти.
Паѓа и бројот на новозаразени на дневно ниво. Во последните три дена се регистрираат под 100 случаи (42, 79 и 39).
Властите повикуваат на почитување на основните мерки – маските не се задолжителни
Здравствените власти во Шведска и понатаму повикуваат граѓаните да се придржуваат до основните мерки за заштита, да мијат раце, да одржуваат физичко растојание и да избегнуваат масовни собирања и патувања. На сила во оваа држава се само две мерки: забрана за посета на домовите за стари и изнемоштени лица и забрана за собири со повеќе од 50 лица.
„Исклучително е важно да останете дома ако сте болни, односно да не ризикувате да излегувате од дома во таква состојба. Ако сите се придржуваме кон ова, можеме да очекуваме позитивен расплет на ситуацијата“,
додаде Тенгел.
Притоа, посочува „Индекс“, треба да се нагласи дека во Шведска, како и цела Скандинавија, не е задолжително носењето маски и дека Швеѓаните се вратија на своето секојдневие во смисла на патување во туристичките места.
Со оглед на тоа дека странските туристички места засега им се релативно недостапни, со исклучок на Хрватска, Грција и уште неколку туристички земји, Швеѓаните патуваат во домашните туристички центри каде е исклучително тешко да се најде сместување.