Според неа, во ситуација кога има безбедносни жаришта на неколку локации во светот, потребно е акцент да се стави на постојаната размена на информации за безбедноста на државата
Нашата држава е безбедна, смета министерката за одбрана, Славјанка Петровска, потенцирајќи дека еден од главните приоритети на земјата е зачувување на регионалната безбедност.
Како што истакна Петровска во вечерашото гостување во ТВ Сител, заклучокот за безбедноста на земјата е извлечен врз база на информациите со кои секојдневно се располага.
Според неа, во ситуација кога има безбедносни жаришта на неколку локации во светот, потребно е акцент да се стави на постојаната размена на информации за безбедноста на државата.
„Кога имате неколку локации во регионот и пошироко на кои се одвиваат какви било видови на воени дејствија или поместувања многу е важно безбедносно – разузнавачките служби да добиваат навремени и точни информации па вклучително и оние кои ги имаме од наши извори да ги споделуваме со партнерските субјекти“,
рече министерката за одбрана.
Таа истакна дека од особено значење во ваква ситуација е превенирањето, набљудувањето и навремената реакција.
Нациналниот комитет за спречување на тероризам има свој аспект на работа, смета таа, и со повратниците од воените дејствија и се додека постои, како што додава, одлична координација помеѓу институциите, спроведување на активностите кои се планирани, можеме да имаме позитивни извештаи во однос на безбедноста на нашата држава.
„Во Република Северна Македонија нема опасност од прелевање од некаков вооружен конфликт, Северна Македонија е земја членка на Алијансата, и навостина се посветува внимание на гарантирање на безбедноста на нашата држава“,
порача Петровска.
За состојбата во Косово, министерката посочи дека она што е потребно е будно да се следат случувањата, како и двете страни подеднакво да работат и да се вложат во надминување на препреките помеѓу нив.
Министерката се осврна и на инвестициите во Армијата при што ја спомена планираната набавка на дронови за потребите на Армијата и на државата, а информираше и за набавката на лесни оклопни возила од САД, системите за против воздушна одбрана од Франција, артилериските системи од Турција, како и текот на набавката на хеликоптери за кои се очекува набрзо да биде донесена конечна одлука.
„Испораката на лесните оклопни возила ќе продолжи и во 2024 година, а до 2025 и 2026 година се очекува да пристигне опремата која е предмет на договорите со Франција и Турција. Во меѓувреме ќе пристигнат и двата хеликоптери кои се на ремонт во Чешката Република, рече Петровска, а во следниот период тимот задолжен со анализата за набавка на нови хеликоптери ќе реферира за предлогот за набавка, подвлече Петровска.