Неколку илјади луѓе се собраа во Загреб на протест кој организаторите го нарекоа „Фестивал на слободата“, а преку кој присутните го искажале револтот од мерките кои ги презема власта за справување со коронавирусот.
Организатор на настанот беше иницијативата „Права и слободи“, а нивните главни пораки беа дека инститираат на зачувување на човековите права и слободи, а порачаа и дека мерките не биле во согласност со реалната опасност од вирусот изразувајќи уверување дека одлуките за мерките не биле засновани на научни факти за вирусот, пренесува хрватскиот портал „Индекс“.
„Неспорно е дека има луѓе кои им подлегнаа на симптомите на болеста наречена ковид-19, како и дека има лица со потешка клиничка слика. Меѓутоа, бројот и распространетоста на тие лица не е во согласност со мерките кои ги ограничија темелните граѓански слободи и права“,
смета една од организаторите на протестот, Алмира Демировиќ.
Хрватските медиуми објавија и дека демонстрантите поминувале и покрај старечките домови и извикувале дека коронавирусот не постои, а од фотографиите кои ги објавија се гледа дека поддржувачите на оваа иницијатива и самите не веруваат во вирусот и никој не носи маски освен новинарите.
„Ковид е лага, не сме сите ковидиоти“, „Подобро гроб отколку роб“, „Тргни ја маската, исклучи го телевизорот и живеј го животот во потполност“, се дел од натписите кои можат да се прочитаат на транспарентите.
И познатиот хрватски пејач Тони Цетински бил дел од протестот и бил задолжен за пуштање музика, а на микрофон и тој извикувал дел од слоганите кои биле испишани на транспарентите.
Ваквиот антикорона настан, пак, беше осуден од лекарската заедница, a меѓу првите се јави и министерот за здравство Вили Берош. Тој на Фејсбук го прокоментира денешниот собир и порача дека како демохристијанин го почитува правото на сопствено мислење и оти Хрватска е демократска земја во која се негуваат слободата на мислење и искажувањето на ставови, но како лекар не може да поддржи ненаучен пристап кон ковид-19.
„Како лекар и хуманист, како хрватски министер за здравство не можам да поддржам ненаучен пристап кон ковид-19 и методите кои овозможуваат негово ширење меѓу граѓаните, а кои ги заговараат организаторите на ваквиот настан. Верувам дека мнозинството граѓани се уверија дека сите мерки кои ги преземавме овозможија висок степен на заштита од заразата и од последиците на вирусот“,
објави Берош.
Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ исто така имаше коментар за протестите порачувајќи дека е во ред да се протестира, тоа е демократија, но да им се кажува на старите лица дека коронавирусот не постои е идиократија.
„Од првиот ден зборуваме дека старите и болните се оние за кои мораме да се грижиме, не тинејџерите, не мојата генерација. Да отидеш пред старечки домови и да им зборуваш дека короната е мачкина кашлица, е катастрофа. Ова другото, ако протестираат против маските, во ред е“,
изјави Милановиќ.
Хрватска денеска регистрираше 311 нови случаи со ковид-19 со што вкупниот број на активни случаи во моментов изнесува 2 771. Досега во оваа земја се регистирани 197 сметни случаи и 8 771 излекуван пациенти.